fbpx
Вести

МЗШВ воведува нова субвенција поради проблемот со откупот на сливите

МЗШВ соопшти дека го решава проблемот со откупот на сливи на начин што во постапка се измени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно се додава нова мерка „директни плаќања за откупени сливи од род 2018 од домашно производство“. Овие измени ќе бидат на дневен ред на утрешната седница на Владата.

Конкретно со измените, сите правни лица откупувачи на сливи, регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење трговија со земјоделски производи, кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 година од домашно производство, ќе добијат субвенција од 2 денара за килограм за откупени сливи. Финансиската поддршка ќе стапи во сила со објавување на одлуката во „Службен весник“ и ќе важи за откупени количини сливи до 15 септември 2018 година по откупна цена не пониска од 5 денари за килограм за индустриски сливи.

Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите што ќе откупат свежа слива, со што на еден од состаноците изминативе денови што ги одржа тимот од МЗШВ е договорено откупната цена за оваа слива да не биде пониска од 8 денари за килограм.

„Со оглед на тоа дека преку Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од 1 до 5 хектари, како и субвенција од 3 денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети, дополнително со новата мерка за субвенција од 2 денара за килограм сливи за откупувачите се очекува стабилизирање на откупот на сливи и решавање на проблемот“, соопшти МЗШВ.

Оваа мерка, како што велат, произлегла од работните состаноци што тимот на Министерството изминативе денови ги одржал со производителите и со откупувачите на сливи, а била предложена како мерка од заеднички интерес. МЗШВ додава и во следниот период ќе го следи откупот на сливи со цел да се избегнат непријатности и да се реагира навреме.


 

mzsv

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close