На определено време да се работи до 6 месеци, плата да се прима порано
Стопанската комора се испаничи од предложените законски измени и достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои и за нив да се развие широка дебата
Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, во Собранието ги поднесоа измените на Законот за работни односи по скратена постапка. Во законските измени се предлага на определено време, место како досега до 5 години, да може да се работи само до 6 месеци, а плата наместо до 15-ти во наредниот месец, да се зема до 5-ти наредниот месец.
„Гледано во национален контекст, законодавството значително отстапува од намерата за обезбедување сигурност на работниот однос бидејќи предвидува значително долг период од 5 години, како максимална горна граница за склучување договори за вработување на определено работно време. Ваквата ситуација се покажа во практика дека е подложна на манипулативно однесување од работодавачите, кои еднострано ги штитат своите интереси, за сметка на интересите на работниците, кои речиси и да не можат да обезбедат трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време, во целокупниот нивен животен работен стаж“, пишува во предлог- законот, пренесува Слободен печат.
Со цел да се зголеми продуктивноста и сигурноста, се предлага и побрзо добивање на парите за сработеното.
„Сегашното законско решение отстапува од намерата за обезбедување сигурност на работниот однос бидејќи предвидува значително долг период од 15 дена по изминување на исплатниот период, како краен рок работникот да ја добие својата плата. Ваквата ситуација се покажа во практика дека е подложна на манипулативно дејствување од работодавачите и штетна особено за работниците вработени во приватниот сектор“, објаснуваат предлагачите на Законот.
Предлогот за измените на Законот, го вклучи црвениот аларм кај Стопанската комора на Македонија, од каде што доставија барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на ЗРО. Повеќе на линкот .https://www.slobodenpecat.mk/na-opredeleno-vreme-da-se-raboti-do-6-meseci-plata-da-se-prima-porano/