fbpx
Вести

Ha органските фарми половина од добиточната храна треба да биде од сопствено производство

Земјоделците што ќе произведуваат органско месо треба да ги набават животните од органски фарми, повеќе од половина од нивната храна треба да е произведена од сопствената фарма, a храната што ја добиваат животните над 95 отсто мора да биде од органско потекло. Строго се забранува превентивно лекување со антибиотици или давање вештачки хормони за раст, но и лекови што ја контролираат репродукцијата. Ова се само некои од измените на Законот за органското производство, кој е веќе излезен во „Службен весник”.

na organskite farmi polovina od dobitochnata hrana treba da bide od sopstveno proizvodstvo

 

Според Законот, се дозволува прихранувањето на пчелните семејства само кога поради климатски услови е загрозен опстанокот на кошниците и само после последното собирање на медот. Прихранувањето мора да се врши со органски мед, сируп од органски шеќер или органски шеќер.

Се менува и контролата на органската храна. На конвенционалното производство и на органските производи на нива и до товарање контролата ќе ја прави Земјоделската инспекција, а на органски произведената храна и производи од неа Агенцијата за храна и ветеринарство.

Субвенции од над 2 милиона евра

Годинава се евидентирани околу 6.200 хектари со органска храна, а никој не знае колкава количина ќе се добие. Нашите земјоделци произведуваат органски мед, домати, пиперки, праски, но и пченица и аронија. Од ова производство годишно се инкасираат над 3 милиони евра.

Во Министерството за земјоделство велат дека измените на законот се со цел да се крене на повисоко ниво овој тип на производство.

Иако последниве неколку години се повеќе земјоделци се занимаваат со овој тип производство кое се субвенционира со над 2 милиона евра, сепак имаше недоречености во законот велат во ресорот.

Најголем дел од измените е направен во делот на сточарско производство. Законот вели дека зградите, трлата, опремата и алатките треба соодветно да се чистат и дезинфицираат за да се спречи пренос на инфекции и болести. Фецесот, урината и неизедената или отпадната храна треба да се отстрануваат толку често колку што е неопходно да се намали миризбата и да се избегне привлекување инсекти и глодачи. Кога добитокот се набавува од стопанства од редовното производство, може да се применуваат и посебни мерки, како што е примена на карантин во зависност од локалните услови.

Натоварувањето и истоварањето на животните треба да се изведува без користење каков било вид електрична стимулација за да се потераат животните. Забранета е употребата на алопатски средства за смирување пред или за време на превоз. Кај тревопасните животни најмалку 50 отсто од добиточната храна треба да потекнува од стопанството каде што се чува добитокот, a во случај кога ова не е изводливо, треба да се произведува во соработка со други органски земјоделски стопанства. Исто така, се забранува и потсекување на крилцата кај матицата за пчели дециден е Законот.

Враќање кон природата

Кошницата и материјалите што се употребуваат во пчеларството треба да бидат од природен материјал, без можен ризик од загадување на околината или пчелниот производ. Собирањето на медот и другите пчелни производи не е дозволено да се вршат со уништување на пчелите во саќето и со употреба на хемиски синтетизирани средства. Во случај на производство на повеќегодишни култури, кои бараат време на одгледување од најмалку три години, потребно е земјоделецот да обезбеди јасна поделеност на производите добиени од различните производни единици. Најмалку 48 часа однапред пред жетва или берба треба да го извести телото што го контролира дека планира да бере.

Законот го регулира и означувањето на органската храна. Ознаките се поставуваат на впечатливо место, мора да се лесно видливи, јасно читливи и да не можат да се избришат.

Добиточната храна ќе биде означена како органска само доколку најмалку 95 отсто од сувата материја во производот содржи материјал произведена на органски начин.

Bo Австралија 11 милиони хектари за органска храна

Светските податоци говорат дека најпознати по органско производство се Белгија, Данска и Италија. Вкупната површина за органско земјоделство во светот лани изнесувала 26 милиони хектари.

Австралија има најголема површина, со 11 милиони хектари. Следуваат Европа и Латинска Америка. Во светот се регистрирани 558 илјади органски фарми.

Во Европската Унија доминираат пасиштата и сточните аграрни култури, а потоа житата. Земјоделските култури најмногу се одгледуваат во Белгија, Италија и во Португалија. Во сточарството на ваков начин се одгледуваат 2,8 милиона грла, а само 0,4 отсто зазема свињарството.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close