fbpx
ВестиТоп вести

На пазарите одамна го нема доматот по кој сите ја препознаваа Македонија

Граѓаните се разочарани, бидејќи на пазарите одамна го нема доматот по кој сите ја препознаваа Македонија. И покрај тоа што на нашиот пазар нема ГМО домати, сепак и оние што ги има се за никаде

На пазарот понудата на домати е разновидна со различна боја и големина. Доматите ги има буквално во сите нијанси на црвена, меѓутоа внатрешноста на сите им е иста, зелена со жили. И покрај тврдењата дека кај нас нема ГМО домати, граѓаните се прашуваат како можат да се објаснат оние невкусни домати кои се продаваат на пазарите. Експертите велат дека се зависи од семето и од начинот на одгледување.
Во Србија неодамна беше објавена една научна студија, во која, меѓу другото, стои дека на пазарот постојат ГМО домати, меѓутоа научниците веднаш го демантираа тоа и велеа дека доматите со сомнителна внатрешност се од некое друго поднебје.
– Вистина е дека на српскиот пазар се појавија ГМО домати кои беа со поинаква боја и без вкус, но тие веднаш беа повлечени од пазарот. Доматите кои сега се продаваат на српскиот пазар се без вкус, бидејќи се одгледани без земја, изложени на етилен за порано да созреат и затоа не се развиваат шеќерите во нив, објаснува експерт од Заводот за молекуларна билогија Институт Руџер Бошковиќ, Хрвоје Фулгоси.
И кај нас граѓаните се разочарани бидејќи на пазарите одамна го нема доматот по кој сите ја препознаваа Македонија. Во струмичкото поле речиси сите садат домати од хибридни семиња.
Доматите кои се одгледуваат кај нас последните неколку години се убави за око, но невкусни за јадење. Ретко некаде може да се најдат домати какви што беа некогаш – меки и вкусни. Сегашните имаат тврда зелена внатрешност, најчесто без мирис и соодветен вкус и со дебела лушпа.
– Во производството и пласманот на доматите цврсто се наметна трговската логика со хибридните долготрајни семиња, каде што има сорти домати кои од 25 до 30 дена издржуваат во магацините и кога ќе добие поволна цена, трговецот ќе ја пласира на пазарот. Сето тоа е на сметка на квалитетот, бидејќи овие хибридни домати, кои сега доминираат на пазарот, имаат неквалитетна конзистенција, дебела кора и дрвена маса, вели доктор Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија од болести.
И производителите велат дека доматите што сега се произведуваат се невкусни, но се принудени да ги користат семињата што им ги нудат трговците.
Експертите за доматите со тврда зелена и дрвенеста внатрешност велат дека не се штетни за здравјето на луѓето. Нив повеќе ги загрижува неконтролираното користење пестициди за заштита на културите од болести и непридржување до упатството за времето кое треба да помине од последното третирање до бербата и понудата на пазар.


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close