Врнежите добредојдени за земјоделците

Последните врнежи се непроценливи за земјоделството. Долготрајниот и тивок дожд ја обезбеди потребната влага во почвата потребна за презимување на вегетацијата.

Долготрајните врнежи со слаб интензитет обезбедија целосна искористеност во сувата почва, без губитоци и без површинско одлевање на водата. Овој последен влажен бран во Пелагонија, донесе помали количества, од 35 до 45 литри на квадратен метар, но сепак добредојдени по големата суша кога секоја капка е драгоцена.

Есенските посеви во овој момент се наоѓаат во добра состојба и има доволно влага во почвата.

Неделава се очекува и стабилизација на времето со пониски утрински и дневни температури од околу 10 степени, што според Ангелко Ангелески агрометеоролог од Управата за хидрометеоролошки работи, се сосема доволни за поникнување на семенскиот материјал.

Во реоните каде што наврна повеќе од 50 литри веќе почнаа да се надополнуваат резервите на влага и во подлабоките слоеви кои се потребни за презимување на растенијата. Врнежи се важни и за нивото на подземните води и за полнењето на акумулациите.

Share Button