fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

На солените ниви растат отровни растенија

Овие почви се појавуваат во Овче Поле, Пелагонија и мали површини во Скопската Котлина. Се проценува дека халоморфните почви зафаќаат околу 11.000 хектари

Во само четири котлини (Струмичката, Скопската, Овче Поле и Пелагонија) се наоѓаат 90 проценти од солените (халоморфни) почви или станува збор за површина од 11.000 хектари. Овие почви имаат природно потекло, но во нивното создавање влијае и антропогениот фактор. Последните официјални податоци за засолените почви во земјата датираат од 1970-тите години, пишува vecer.press/

Истражувачки тим од Одделението за педологија и исхрана на растенијата при УКИМ – Земјоделски институт во Скопје, предводен од проф. д-р Христина Попоска, во текот на 2024 –2025 година спроведува низа истражувања во регионот на Овче Поле.

– Халоморфните почви се распространети на неколку локалитети во нашата земја и се резултат на специфичните услови на релјефот, геологијата, хидролошките и на климатските услови. Овие почви се појавуваат како мали површини во најниските делови на некои од нашите котлини, како што се Овче Поле, Пелагонија и мали површини во Скопската Котлина. Се проценува дека халоморфните почви зафаќаат околу 11.000 хектари, што претставува 0,42 % од вкупната територија на земјава. И покрај еколошкото значење како живеалишта на уникатни растителни и животински видови, поради ниската продуктивност, тие честопати се занемарени и се под постојан притисок од човекот – потенцираат од Земјоделскиот институт – Скопје.

Во текот на реализација на проектот, се тестираат солените почви и планирани се активности за спроведување нови пристапи во истражувањето на почвите и лабораториски анализи во согласност со методологиите за мониторинг на почвите на ЕУ.

– Оваа иницијатива за повторно истражување на засолените почви и за воведување напредни методи за нивно проучување, вклучувајќи ги земањето примероци, лабораториските тестирања и обработката на податоци, претставува значаен чекор напред во истражувањето, заштитата и обновата на халоморфните почви во земјата – потенцираат од Земјоделскиот институт.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close