На тутунарите им пукна “филмот“-Или субвенции или протести
Ако до петок не ги исплатите субвенциите и петтиот ковид пакет ќе ги повикаме сите земјоделци здружени заедно на масовен протест, стои во реакцијата на тутунарите.
Тутунарите си ги бараат субвенциите и парите од помошта од петтиот пакет мерки на Владата.
Во денешената реакција на новоформираните тутунарски здруженија стои дека ако не им ги исплатат парите до петок ќе повикаат на масовни протести.
Во продолжение ви ја пренесуваме реакцијата во целост.
На тутунарите им пукна филмот.
Субвенциите и петтиот ковид пакет веднаш да се исплатат до крај на неделата. Во спротивно ќе ги повикаме тутунарите и сите земјоделци да излезат на масовни протести.Не може нашите политичари да си играат држава додека ние трпиме за корка леб. Срамота е ова од сите страни давачки, натрупани сметки, поскапувања секој ден не можеме новата реколта да ја засадиме достоинствено, фразата по земјоделските аптеки ќе ви платиме од субвенции веќе не врви кај сопствениците, не даваат и тие не се сигурни, не доведовте да се срамиме пред нашите фамилии. Нашите апели и укажувања дека ниската откупна цена во минатата реколта драстично ќе се осети кај тутунарите, а воопшто и во целата економија ги занемаривте.
Субвенциите каде секаде во светот се мерка за развојна компонента кај нас за жал се чекаат за преживување. На колена го фрлите целото земјоделие, нема гранка која може да се пофали со успех и вистински развој згора на тоа и она што ни е дадено од Бога сега му се намерачивте да го раскрчмите. Вас не ве бидува за создавање вие сте мајстори за распродавање. Ако до петок не ги исплатите субвенциите и петтиот ковид пакет ќе ги повикаме сите земјоделци здружени заедно на масовен протест да и кажеме стоп на ова недомаќинско и крајно понижувачко однесување на оваа влада кон нас. ДОСТА Е!
Се вели во реакцијата на новоформираните тутунски здруженија.