Набавени 50 илјади вакцини за болеста „чвореста кожа“
Агенцијата за храна и ветеринарство попладнево соопшти дека се обезбедени 50 илјади дози од вакцината против болеста „чвореста кожа“ кај говедата за итна вакцинација на добитокот во 19 општини во Источна и Југоисточна Македонија.
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени Демир Капија, Штип, Василево, Радовиш, Босилово, Делчево, Виница, Пехчево, Берово, Ново Село, Струмица, Валандово, Дојран, Македонска Каменица, Гевгелија, Кратово, Конче, Зрновци и Богданци.
– Со вакцинацијата ќе бидат опфатени сите животни од видот говеда, без оглед на нивниот пол, возраст и месец на гравидност. Обезбедената количина вакцини е доволна со вакцинација да се покрие целата популација говеда во гореспоменатите региони и општини каде што е присутна болеста „чвореста кожа“, се наведува во соопштението.
Агенцијата за храна и ветеринарство истакнува дека ќе бидат опфатени зоните под надзор и заштитните зони во општините каде има потврдени позитивни грла, како и во областите кои се граничат со овие зони.
Носители на вакцинацијата се ветеринарните друштва кои имаат склучено договор со Агенцијата за храна и ветеринарство. Дел од нив, како што се наведува во соопштението, денеска под надзор на официјален ветеринар почнале со вакцинација на добитокот.