fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаТоп вести

Националниот парк Шар Планина ќе добие шуми вредни над 50 милиони евра и осумдесетина шумски работници

Од најавените решенија, се очекува корист за месното население и вработените во шумарскиот сектор.

Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк покрај погодностите, се очекува и долгорочно решавање на иднината на лицата чија основна дејност е поврзана со „користење на шумите“ во западниот регион. Дел од нив се вработени во ЈП „Национални шуми“, дел во приватни компании, а исход очекуваат и оние на кои единствена егзистенција им е работата во шума.Нивната иднина е дел од преговорите на засегнатите страни и државата кои се во тек.

Ефектите од прогласувањето на Шар Планина за национален парк беа изнесени на јавните дебати. Од најавените решенија, се очекува корист за месното население и вработените во шумарскиот сектор. Носењето правилни решенија е од голема важност. Проценетата вредност на шумата која ќе влезе под нов режим на заштита надминува педесет милиони евра. Во национален парк ќе влезат и најдоходовните шумско стопански единици на подружниците на ЈП Национални Шуми од Тетово и Гостивар.

Шумските работници во неизвесност

Бари Џафери, од подшарпланинското село Ломница навлезе во седмата деценија од животот. Речиси сиот живот го поминал токму во подножјето на најголемиот планински масив во земјава. Од рана возраст работи како дотурач на огревно дрво. Тој со неговите десетина маски ги пренесува исечените дрва од непристапни терени до шумскиот пат од каде можат да се товараат на камиони. Последниве години во работата му помагаат и децата. Со оваа макотрпна работа обезбедува егзистенција за целото семејство. До него и неколкумина секачи и физички работници допреле најавите за прогласување на подрачјето во кое работи за национален парк. Возраста го тера на трпение и да ја сочека новата реалност.

– Се зборуваше нешто и пред тоа. Не знам што ќе се менува, ама знам дека луѓето мора да работат. Дрвата за огрев мора да се носат од планина. Така било отсекогаш, а така ќе биде уште долго. Луѓе во шума мора да има, вели Бари.

Овој прекален шумски работник не очекува дека во скоро време нешто драстично ќе се смени. Но, шеговито додава, ако туристите за шетање низ планина даваат повеќе пари, моите маски нема да пребираат што ќе носат на грбот.

Мала неизвесност со најавите дека дел од Шар Планина ќе биде прогласен за национален парк, владее и кај вработените во подружниците на ЈП „Национални шуми“ во Тетово и Гостивар. Државните шуми се дадени на стопанисување на ЈП „Национални шуми“. Искористувањето на шумите како сегмент е особено важен за економското опстојување на најголемото шумско претпријатие во земјава. Некои од вработените се скептични. Мислат дека за нив ќе смени животот и ќе треба да бараат друг начин на заработување. Тоа доаѓа од толкувањето дека правилата за искористување на шумите ќе бидат сменети.

Преговори за подобро управување со шумата

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк директно ќе влијае во работењето на ЈП „Национални шуми“, односно нивните подружници во гостиварско-тетовскиот регион. На подружницата Лешница – Тетово ќе му бидат одземени четири Шумско стопански единици (ШСЕ) и државното ловиште Лешница, а на подружницата Шар-Гостивар ќе му бидат одземени делови од две ШСЕ.

Во мислењето доставено во постапката која претходи за прогласување и носење на законот, со допис предупредуваат дека се директно засегната страна. Укажуваат на негативните финансиски и социоекономски импликации. Тие се однесуваат и на сите директно и индиректно инволвирани лица и фирми и ќе бидат засегнати од новиот режим на работа. За да се усогласат барањата и можностите во тек се преговори. Со нив треба прецизно да се уреди и реши статусот на шумските работници.

– Дел од нашите барања и точките со забелешки се прифатени. Тоа го оценуваме како позитивна работа на почетокот од овие преговори. Ова е важно, бидејќи претстојат и активности со кои се опфатени токму овие наши забелешки. Со оглед на сериозниот пристап од надлежните институции и вклученоста на стручни лица владее оптимизам дека со конечното решение ќе се избегнат негативните влијанија. Секако, ќе биде потребна реорганизација во некои единици, но се трудиме таа да биде во полза на вработените и другите засегнати страни. Има добри предлози и излезни решенија, но како што напоменавме сега сме во фаза на усогласување и определувањето на насоките за изнаоѓање на крајното решение, одговорија од ЈП „Национални шуми“.

Упатените во оваа област го поткрепуваат оптимизмот. Очекуваат дека ќе се направи правилно прераспоредување на работниците, но и она најважното во шумата ќе се сече и работи по други правила од овие досега. Засега е рано да се прогнозира колку работници ќе продолжат со истите обврски, а колку ќе се прераспоредуваат.https://nezavisen.mk/nacionalniot-park-shar-planina-kje-dobie-shumi-vredni-nad-50-milioni-evra-i-osumdesetina-shumski-rabotnici/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close