Наглите временски промени негативно се одразија врз пчеларството
Студеното време последните неколку дена кога температурите за многу кратко време се спуштија дваесетина степени, негативно се одрази врз пчелните семејства и нивните активности, потврдуваат пчелари од Кичевско-бродскиот регион.
-Драстичниот пад на температурите претходната недела негативно се одрази врз пчеларството во нашиот регион. Ваквите температурни шокови се голем непријател на пчелите во време кога собираат полен и прават мед. Уште повеќе состојбата ја влошија студените ноќи кога температурите се спуштаа близу до нула, ги направија пчелите речиси неподвижни и наместо да собираат мед тие се собираа во сандаците многу порано отколку што тоа го чинат во периоди кога температурите се над 20 степени целзиусови, што за нив е оптимално време, вели пчеларот Миле Стојкоски.
Тој посочи дека и дождот што наврна деновиве уште повеќе ја влоши состојбата и негативно се одрази врз пчелните семејства.
-Покрај студот кон крајот на мај, дополнително состојбата ја влоши дождот кој го имавме изминатите неколку дена. Врнежите од дожд ги мијат цветовите што придонесува пчелите празни да се враќаат во сандаците. Да очекуваме времето да се подобри, да нема вакви температурни шокови за да можат пчелите да го искористат цветањето на липите и други растенија кои цветаат во овој период и конечно да имаме подобра година со поголеми приноси на мед, додава Стојкоски и посочи дека само две недели убаво време во претстојниот период, може да ја спаси сезоната, бидејќи во толку долг период пчелите можат да соберат толкаво количество на мед, колку што не можат да соберат во цела просечна или слаба година.https://nezavisen.mk/naglite-vremenski-promeni-negativno-se-odrazija-vrz-pchelarstvoto/