Најдобриот модел на земјоделско здружување доаѓа од Преспанскиот Регион
Мрежата на земјоделски задруги денеска во Асамати, Преспа на плантажите на земјоделската задруга Преспа АППЛЕ го одбележа Меѓународниот ден на задруги.
Мрежата на земјоделски задруги денеска во Асамати, Преспа на плантажите на земјоделската задруга Преспа АППЛЕ го одбележа Меѓународниот ден на задруги. Гостин на настанот беше министерот за земјоделство Арјанит Хоџа кој и самиот е производител на јаболка од селото Крани.
Мрежата на земјоделски задруги е невладина организација формирана во 2020 година од 16 постоечки задруги, а во моментов има 19 членки. Создадена е да ги застапува интересите на своите членови, рече Менде Ивановски претседателот на Мрежата на земјоделски задруги.
-Го почувствуваме здравствениот, економскиот и социјалниот удар на оваа криза, но добивме и нов поглед врз нееднаквостите и можностите што би можеле да ги создадеме за да го обновиме овој свет, каде никој нема да биде изоставен. Доколку сме водени од солидарноста, можеме да изградиме посилна и праведна иднина, каде сите можат да живеат достоинствено. Потребен е економски удел управуван од општеството кој е фокусиран на заедничкото добро, а задругите се токму таков модел. Овој модел во светот покажува дека можеме да произведуваме, консумираме, едуцираме, служиме и живееме заедно додека се грижиме за доброто на луѓето и околината, рече Ивановски претседателот на Мрежата на земјоделски задруги.
Менаџерот на задругата Преспа АППЛЕ, Агрон Реџепи најави изградба на нов дистрибутивен центар и изградба на ладилник.
-Нашата задруга е формирана пред една и пол година, во неа членуваат 24 членови, од кои 22 се индивидуални земјоделци и две форми на кои главна дејност им е овоштарство. Во моментот имаме поднесено барања за зачленување на три нови стопанства кои на следното годишно собрание ќе добијат пристап бидејќи се работи за сериозни производители. Моментално нашите членови обработуваат над 60 хектари под јаболкови насади, цреши, сливи и друго овошје. Поголемиот дел од земјата е во приватна сопственост , но имаме и земја под државна сопственост. Располагаме со современа механизација и опрема, дел е сопствена, дел добиена со кофинансирање добиено преку МЗШВ и Платежната агенција. Во овој момент работиме на студија и проект за дистрибутивен центар и изградба на ладилник за потребите на задругата за што веќе имаме обезбедено земјиште од 6.400 метри квадратни. Се надевам дека МЗШВ и Платежната агенција ќе продолжи да кофинансира и поддржува нови проекти, рече менаџерот на Преспа АППЛЕ, Агрон Реџепи.
Преспа АППЛЕ е успешен модел и пример кој треба да послужи како треба да се организираат задругите, и токму овој модел треба да се преслика во сите други региони од нашата држава, рече министерот за земјоделство Хоџа на одбележувањето на Меѓународниот ден на задругите.
-Точно е дека ОН дале особен придонес за задругите и нивното значење, како што се модернизира делот на земјоделството, така треба да се организираат и нашите земјоделци, а задругите се една од тие опции. Како мала држава најголемиот проблем ни се малите и расцепкани парцели, многу производители на помали површини, единствениот начин е да бидеме конкурентни на меѓународните и регионалните пазари е да се соединиме. Тоа е најважната улога што треба ние како МЗШВ да го покажеме, и затоа имаме и наши мерки како да ги поддржуваме задругите да придонесеме сите да ги видат придобивките од здружувањето во задруги. Потенцирам дека најдобриот модел на здружување доаѓа од Преспанскиот Регион, каде има 9 задруги кои функционираат непречено, со меморандуми за соработка со задруги од земји членки на ЕУ. Тоа е добар модел што треба да го следиме, очекувам дека следната години ќе имаме уште поуспешни резултати во овој дел, рече министерот Хоџа на настанот во Преспа.
Инаку максимата секој фармер – член на најмалку една земјоделска задруга е стратешка цел на Мрежата.
Анета Блажевска