fbpx
Вести

Најмалку 200 евра месечно за храна – на трпезата се повеќе леб а се помалку месо

Се повеќе леб и компир, се помалку месо и риба. Вака изгледа трпезата во Македонија. Државната статистика измери раст на трошоците за живот од 1.5% и на цените на мало од 2.6% за една година.

Македонска трпеза: многу леб, малку месо

На македонската трпеза има се повеќе леб и компир а се помалку месо и риба. Ова го потврдуваат податоците на Државната статистика според кои секоја година расте потрошувачката на житарките и тестенините за сметка на другите, поскапи прехранбени производи.

Македонецот во просек секој ден јаде по нешто над 200 грама леб, околу 100 грама други житарки и 20 грама тестенини.

Кај зеленчукот најпродавани се компирите, по околу 80 грама, следат оризот со 20-на грама, гравот со 15, кромидот и лукот со по околу 30, исто колку и зелката. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје, кајсиите и праските едвај надминуваат 10 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најмногу се јадат пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 30 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и околу 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец. Просечната потрошувачка на цигари по човек е 2.2 на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2017-та“.

Раст на трошоците на живот

Според Државниот завод за статистика трошоците за живот пораснале за 1.5%, а цените на мало за 2.6% за една година.

Овој во споредба со претходниот септември храната и пијалаците биле поскапи за 0.4%, алкохолот и цигарите за 5.0%, облеката и обувките за 0.7%. Раст на цените има и кај транспортот и тоа за дури 8.1%, комуникациите за 1.0%, како и за здравје, рекреација, мебел. Намалување има единствено кај комуналиите од 0.1% и кај образованието од 0.3%.

Над 200 евра за да се наполни фрижидерот

Според пресметките на Сојузот на синдикати (СММ) просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во март (најнови податоци) била тешка 32.418 денари. Од нив дури 13.408 денари одат на храна. 10.478 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.301 денар за хигиена, 2.349 денари за превоз…

Од друга страна просечната плата за истиот месец била 23.694. Оттука буквално половина плата е потребна само за да се наполни фрижидерот!

Секој петти Македонец е сиромашен

Податоците на ДЗС покажуваат и дека секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни. Стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Стапката е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четири члени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

 


 

denar

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close