
Најверојатно над 800 сточарите не зедоа субвенции за овците. Дали проблемот е бројот на предадени јагниња во кланица?
Лани по 600 денари зеле 2.058 сточари, вчера се иплатени само 1.211 одгледувачи на овци.
Голем е револтот кај одгледувачите на овци кои вчера не зедоа субвецнии по грло овца. Всушност вчера имаше доплата од 1.400 денари по овца, бидејќи лани во декември овчарите зедоа само 600 денари по грло.
Вчера дел од одгледувачите на овци зедоа пари, дел не.
Официјално Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, објави дека изврши исплата на субвенциите за сточарите во износ од 335. 963 096 денари. Средства предвидени со мерка 2.9 од дополнителни директни плаќања, подмерка 2.8 каде се субвенционираат обележани грла овци, постари од 12 месеци. Исплатата беше кон 1.211 сточари.
На 24 декември лани по – мерката 2.8 Директни плаќања за обележани женски грла овци постари од 12 месеци. Висината на директните плаќања е 600 денари по грло. За оваа мерка исплатени беа 2.058 корисници.
Со проста математика значи 2.058 минус 1.211 е 847 сточари што не се исплатени, вчера што не зедоа пари.
Познавачите на состојбите во овчарството за Зелена берза велат дека -„Проблемот за неисплатени субвенции можеби лежи во условот да испорачаат 50% од јагнињата, пропорционално на бројот на овци, да се испорачаат во кланица. Тоа значи ако еден сточар има 100 овци, треба во кланица да предаде 50 јагниња. Во спротивно ги губи субвенциите за грло овца.
Бидејќи од официјалните податоци за исплатени субвенции лани во декември може да се види дека мерката која не е условена со предадено јагне во кланица ја зеле 2.058 сточари. Додека дополнителната која е условена со 50 проценти предадено јагне во кланица ја зеле 1.211 сточари“. вели нашиот соговорник.
Меѓутоа сточари кои ја контактираа Зелена берза велат дека и покрај тоа што ги исполниле сите услови повторно немаат земено субвенции.
„Јас чував овци заклучно со 2024 година, и ги продадов. Но сите услови ги исполнувам, не должам кон државата и пак немам пари на сметка. Имав 200 овци, во кланица предадов 370 јагниња, предодов 30 тони млеко и пак не ми исплатија субвенции по грло. Значи не е точно дека сточарите се проблемот. Пола од сточарите во Пелагонија, во Мариово не зедоа субвецнии. Не е точно дека во нив е грешката, грешката е во државата“, изјави сточар која сакаше да остане анонимен.
МЗШВ вчера заедно со информацијата дека се исплатени субвенции по грло овца објави дека сите што не зеле субвенции да се обратат до Платежната агенција, па секој предмет ќе се разгледува од службите. „Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2024 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај.“, објави МЗШВ.
Анета Блажевска




