Највкусното бело овчко сирање е кај Реџеп Алиовски од Мусинци
Традиционално бело овчко сирење и биено сирење се вистински специјалитети произведени од вештите раце на семејството на Реџеп Алиовски (44) од селото Мусинци. Алиовски е регистриран земјоделец, сточар чие трло брои 200 грла овци, а поседува и неколку јуници. Млeкото што го произведува семејството на Алиовски не им го предава на млекарниците, туку сами прават сирења, кое по вкусот и квалитетот се препознатливи во Пелагонискиот регион. Семејството произведува годишно по 50 до 60 канти сирење, а една канта има од 12 до 13 килограми, бело овчко превриено сирење. Пред две години овие сточари прекинале млекото да го предаваат на млекарниците, незадоволни од цената која им се нудела од околу 35 денари за литар.
-Од овчкото млеко правиме сирење, самите го произведуваме, самите го продаваме. Имаме муштерии, семејства од Битола и регионот кои редовно го купуваат нашето сирење. Луѓето сами меѓу себе си кажуваат колку се задоволни и така стекнуваме нови и нови муштерии, вели Реџеп Алиовски во разговор за „Зелена берза“.
Рецептот по кој ова семејство го прави овчкото бело, но и биено сирење е наследен од неговите предци. Па, добро се знае дека треба да отстои 6 недели, да зрее и како што вели времето прави многу, па колку подолго отстојува во солилото толку е повкусно за јадење, и е вистински специјалитет, објаснува Алиовски. Биеното, пак, се прави со подварено млеко, да достигне одредана температура, се стега во грутка, се стврднува и се суши. Биеното сирење толку добро изгледа што се јаде и со очи.
Алиовски е земјоделец и сточар од дете, прво со сточарство се занимавале неговите браќа, па така и неговото семeјство покрај одгледувањето на овците, обработува тутун, жито и други земјоделски култури кои во најголем дел ги употребува како храна за овците.
-Произведувам тутун на вкупно 28 декари земјоделска површина. Тутунот го садам во неколку ниви, и засега сум задоволен од родот и од откупните цени. Што е вистина, трудот се исплати. Иако деновиве врне и може да го расипе тутунот, сепак се надевам дека се ќе биде добро, вели овој земјоделец, кој забележува дека поради дождот и големата влага не може да ги искоси ни ливадите, за сено за овците.
-Заради стоката сееме жито, земјоделецот е во полза кога сам за стоката произведува храна, но купуваме редовно и резанци. Тоа е, храната за стоката е скапа, ама мора да се вложува за да се преживее. Се зависи од тоа каква ќе биде годината. Ако е родна и ние со арно ќе си поминеме, ако не ќе се бара чаре, вели Алиовски.
Она што за него како земјоделец е проблем и дополнителен трошок при производството на земјоделските култури е што земјата која е во атарот на селото Мусинци е „посна“ и неопходна е прихрана.
-Земјата во нашето село е трета и четврта класа, тоа се приватни ниви што ги земам по наем и што мора да ги наѓубрувам за да има добар род. Ете, селата околу нас Добрушево и Чарлија имаат квалитетна земја, ама не е така и кај нас, па нема година да не фрлиме ѓубриво. Тоа чини пари и дополнителни трошоци што ја зголемуваат цената на производство, вели фармерот набројувајќи ги и другите трошоци што влијаат на производството и го прават уште поскап земјоделскиот производ.
-Ако немаш своја земја и своја механизација тешко можеш да сработиш. Скапа е нафтата, скапо е ѓубривото, заштитата, па уште да немаш трактори и механизација тогаш ќе мораш да плаќаш по 1000 денари за орање од еден погон и каде тие е крајот, набројува Алиовски.
Неговата реакција како регистриран земјоделец се однесува на распределбата на државното земјоделско земјиште, со забелешка дека „обичните“ земјоделци тешко добиваат земја на огласите.
-Од 2011 година, сум регистриран земјоделец, аплицирав за државно земјоделско земјиште и не ми дадоа ниви. Ги исполнувам сите услови ,а до земја не можам да стасам. Од друга страна за нивите што ги земам под наем, плаќам кирија, а не ми следуваат субвенции. Значи, по 2000 денари давам за закупнина за 1 погон нива, бидејќи земјата не е моја не можам барем малку да си ги вратам трошоците со субвенции, реагира Алиовски, кој со многу труд и работа ги расте и школува своите три деца.
„Зелена берза“