
Наемните работници сакаат да им тече стаж – дали ова ќе стане реалност?
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ деновиве поднесоа предлог закон за ангажман на сезонски работници со кој работодавачите ќе ги обврзат да ги плаќаат придонесите, без разлика дали работат неколку недели или неколку месеци.
За луѓето кои работат како аргати е прифатливо да им се плаќа работен стаж, нешто за што веќе има предлог закон во собраниска процедура, пишува Фактор.мк.
Аргатите објаснуваат дека и онака се мачат, работат на нива на жешко време и според нив, добро би било газдите кои ги ангажираат да им платат и стаж. Многу аргати во земјава, долги години работат во земјоделскиот сектор, а немаат стаж кој во иднина ќе им обезбеди некаква сигурност. Дури има и семејства каде повеќе членови се занимаваат со аргатување.
„Јас сум од Кавадарци, нашиот град е земјоделски и долго време се занимавам со тоа, иако сум млад. Аргатувањето треба да биде регулирано, да се плаќа стаж. Потценета е оваа работа. Мајка ми исто работи како аргатка. Сега кројат и чистат лозја. Јас имам работено на берба на грозје. Мајка ми со години работи како аргат. И јас имам работено неколку години како аргат. Стаж немам од тоа, тоа е аргатска работа. Зависи како ќе ми се погодеше денот, некогаш беше мачно, некогаш не. Познавам луѓе што работат како аргати, ги има и помлади и постари. Нема голем избор за работа и мислам дека затоа луѓето се нафаќаат да работат како аргати“, вели 20 годишно момче од Кавадарци.
Од друга страна, оние кои ангажирале аргати објаснуваат дека газдите кои работат големи површини, веројатно би биле во состојба на сезонците да им плаќаат стаж, а за другите е дискутабилно дали би имале можности за истото.
„По 4-5 жени за берба на тутун сме ангажирале. Повеќе од месец беревме тутун. Дури и 2.5 до 3 месеци се случувало да трае бербата. Тие што работат повеќе хектари, веројатно ќе можат да им плаќаат стаж на аргатите, би требало“, вели Моника, која ангажирала берачи за тутун во Прилеп.
Но, газдите кои работеле со аргати велат дека дел од тие работници се социјалци и неизвесно е дали промена на условите кои досега ги имале, нив лично ќе им одговара.
„Сега има малку берачи и ќе ги снема целосно. Ќе бидат принудени луѓето да работат за помали дневници, ако им плаќаме стаж. Тоа е тешко. Ако мораме да платиме стаж за тие луѓе, тоа го оптоварува финалниот производ, ќе биде поскапо за потрошувачите и следната година ќе размислам дали ќе произведувам или ќе ставам клуч на врата и ќе одам да работам надвор од државата“, вели Емилија Пехчевска од Берово кој поседува фирма за преработка на зеленчук.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ деновиве поднесоа предлог закон за ангажман на сезонски работници со кој работодавачите ќе ги обврзат да ги плаќаат придонесите, без разлика дали работат неколку недели или неколку месеци.
Ова, како што објасни предлагачот Тони Јаревски, нема да претставува пречка за студентите кои добиваат стипендија, за невработените кои примаат социјална помош и за пензионерите кои примаат пензии.
Ангажираните ќе бидат платени за одработен час, а износот не смее да биде помал од часот кој се пресметува врз основа на минималната плата.
Работодавачите, освен придонеси за пензиско и инвалидско, ќе плаќаат и данок на личен доход, како и трошоци во случај на повреда. Газдите ќе можат да ангажираат сезонски работници најмногу до 120 дена во текот на една календарска година.
Овој предложен закон се однесува само на три сектори, земјоделството, домашните услуги и угостителството. Предлог-законот е во согласност со стратегијата за формализирање на неформалната економија на Северна Македонија за периодот 2023-2027 година.