fbpx
ВестиТоп вести

На земјоделецот сега треба да му подадеме рака за помош за да имаме доволно домашна храна

Поскапувањето на акцизата за нафтата, што ќе донесе и поскапи репроматеријали ќе ја зголеми сиромаштијата на земјоделците но и на руралното население кое главно се занимава и егзистира од земјоделството

Покрај здравството производството на храна е вториот многу значаен столб на економијата кој морам да го одржуваме цврст и стабилен за полесно да се преброди кризата, сегашната но и онаа економска која што се очекува во следниот период. Националната федерација на фармери како организација која ги претставува интересите на земјоделците анализирајќи ги состојбите проценува дека најголем удар од кризата засега почувствуваа сточарите, одгледувачи на овци на кои јагнето или не им се продаде или онаму каде се продаде тоа е по драстично ниски откупни цени.

-Најпогодени според нашите анализи се сточарите со јагнињата. Откупувачите го искористија моментот и почнаа да манипулираат со сточарите со тоа што драстично ги намалија откупните цени на јагнето годинава. Сточарите останаа немоќни и јагнето ако во нормална година се откупувало од 150 до 180 денари годинава се откупуваше по 100 денари а има региони како беровскиот каде цената се сведе и на 90 денари но и голем дел од јагнето остана не откупено. Ние апелираме до надлежните да се разгледа можноста за извоз на тешко јагне за пазарите кои такво консумираат бидејќи јагнето сега е веќе прераснато а сточарите немаат храна за стоката. Исто така за помош на сточарите да им се исплатат 400 денари субвенција од ланската година сега кога им се потребни финансии за да опстанат. Да се најде начин да се поттикнат домашните трговци и маркети, како и апел до потрошувачите за велигденските и мајските празници да трошат македонско јагне за да им се помогне на сточарите кои годинава имаат големи проблеми рече Васка Мојсовска претседателката на националната федерација на фармерите.

Исто така за сточарите многу значајна помош во вакви кризни состојби е објавувањето на огласот од националната програма за поддршка на земјоделството преку која се исплаќаат плати за луѓето ангажирани на фармите за чување на животните односно за овчарите. Големи проблеми имаат и градинарите. Според националната федерација на фармерите за раноградинарите голем дел од пазарите за извоз се затворени или отежнато се стигнува до нив, домашната потрошувачка е намалена заради полициските часови и намалувањето на движењето а откупувачите наместо да покажат солидарност и да го почитуваат договорот зелката да се откупува по 15 денари тие ги користат сите можности да ја симнат цената на 10 па и на 8 денари за килограм. Во секторот поледелство големо е незадоволството што владата без консултација на министерството за земјоделство и без земјоделците донесе уредба за дозволен извоз на жито во кризно време кога сите се борат со недостиг од храна. Од националната федерација на фармерите укажуваат дека сега треба да се засилат активностите на водостопанствата за чистење и санирање на каналската мрежа бидејќи за месец и пол ќе почне и сезоната за наводнување и ќе не пречека неподготвени за една многу значајна работа од која зависи производството а за ваквите активности по нивите сега нема пречка и покрај вонредната состојба. Лозарите очекуваат како помош да ги добијат дополнителните 2 денари за килограм во време кога почнуваат инвестициите во новите насади со потерувањето на ластарите и првите орања, заштити и прихрани. На бројните реакции за идејата за зголемување на акцизата на нафтата се приклучија и земјоделците како еден од секторите каде нафтата е главен енергенс од кој зависат цените на репроматеријалите. Во време кога се почнати сите орања за пролетна сеидба и кога треба да се најдат стимулативни мерки што повеќе од површините да бидат посеани преку поделба на зелената нафта ваквата дестимулативна политика може многу од земјоделците да ги премисли и да ги остават нивите не посеани.

-Ние не се согласуваме со предлогот на бизнисмените за зголемување на акцизата на нафтата бидејќи сметаме дека тоа ќе предизвика зголемување на сиромаштијата кај земјоделците и руралното население кои претежно живее и егзистира од земјоделско производство. Зголемената цена на нафтата ќе ги поскапи и заштитните средства, ѓубривата и другите репроматеријали што дополнително е дестимулативно за земјоделците да ги остават нивите не посеани. Во овоштарството и лозарството веќе се чувствуваат последиците од економската несигурност на земјоделците преку откажување на веќе капарисани садници. Попусти се апелите до земјоделците сите ниви да ги посеат оваа пролет ако не се преземат и стимулативни мерки за тоа, додаде Мојсовска.

Земјоделците очекуваат големи проблеми и со сезонската работна сила која и годинава се очекува да недостасува а за надминување на ваквите состојби ниту се размислува ниту на повидок има некои мерки како што тоа е случај во развиените земји каде се повикуваат невработените и студентите да се вклучат и да го надополнат недостатокот од работна сила по нивите.

 

Слични написи

Back to top button
Close