fbpx
Вести

Не можеле да најдат работа во Ресен, а денес нивните јаболки ги јадат шеици од Катар

Фросина Ѓоргиевска од Ресен во деведесеттите години поради неможноста да најде работа, откако се затворија фабриките, со сопругот решиле овоштарникот кој го имаат од постарите со 400 стебла да го работат сериозно и да го прошират.

Нивните овошни насади претежно се во реонот на селата Болно и Покрвеник.  На ваков начин си обезбедиле егзистенција иако со сопругот по професија се технолози, а секоја година овоштарникот добивал нови стебла, така што по десет години достигнале бројка од 7.000 стебла, и во иднина планираат оваа бројка да расте.

„Зголемувањето на овошните стебла одеше постепено, така што станаа 1.000, па стигнавме до 2.000, 3.000, и на крајот дојдовме до бројка од 7.000. Се работи со јаболката скоро цела година, можеби не секој ден, но по 20 дена во месецот има работа. Најмногу работа има во екот на бербата од септември до средината на ноември, и кога се врши резидбата. За берба имаме аргати. Оваа година имаме произведено 170 тони јаболка. Имаме јаболка од повеќе сорти, но 70% се од сортата ајдарет. Ни помагаат и децата колку што можат“, вели Ѓоргиевска.

Таа додава дека од јаболка може убаво да се живее, но треба и да се работи. Нивните јаболка завршуваат на странски пазари, и тоа во Катар. Вели дека претходно се продавале на бугарскиот пазар, во екс југословенските земји, и дел во Европа, но се надева дека пазарот на Блискиот Исток ќе се отвори за македонските јаболка.

„Имаме ладилник за 40 тони јаболка, но имаме и обични магацини кои сакаме да ги претвориме во ладилници. Засадивме и нови насади со круши и цреши, но тоа ќе биде за идните генерации. Се вели дека во земјоделството, јаболкарите се аристократија, и тоа е вистина затоа што има поголеми количини од произведеното, може да се чува, да стои и да се продаде подоцна, не мора веднаш“, додава Ѓоргиевска.

За младите вели дека кога цената е добра и кога целиот род ќе се продаде тоа ги мотивира, да го сакаат овоштарството.

„Ако годината е добра, тогаш сите зборуваат дека сакаат да садат јаболка, а доколку е лоша, тогаш сите барем на зборови велат дека ќе ги ископаат стеблата. Сепак, тој што има желба работи“, смета Ѓоргиевска.

За Ресен вели дека повеќето овоштарници се наследени од родителите и младите генерации ја продолжуваат работата која ја почнале постарите.

 


 

faktor

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close