Не оди зелена транзиција со зелена мафија
Колумна на Слободен печат- Зелени агенди, зелени инвестиции, зелени кредити, зелени транзиции
Што и да преземе државата, сѐ паѓа во вода ако не се спроведе една еколошка револуција – во свеста на политичарите, со изградени системи за контрола, со борба против корупцијата што ќе може да ја видиме сите, со судски завршници за сите оние што ја злоупотребиле животната средина и здравјето на луѓето.
Зелени агенди, зелени инвестиции, зелени кредити, зелени транзиции… Овие изрази се почесто се слушаат во последно време, а зад сите нив се кријат пари. Ниту една агенда не е спроведлива без финансиски средства, а и самиот збор транзиција укажува дека нешто се напушта за нешто ново да се воведе. Многумина би кажале здравјето нема цена и затоа се што се спроведува во врска со заштитата на здравјето не може да се мери со пари. Но, тоа е премногу дволично ако од друга страна имаме зелена мафија. Не може поинаку, со други зборови, да се опише ако некој некому му дозволил да гради во заштитено подрачје и да го уништува биодиверзитетот на реките, ако некој дозволил да има трговци со мазут без лиценца, ако во државава не се знае што е мазут, а што индустриско масло. Оттука и револтот за секоја цена на зелената транзиција.
Засега, само низ симулации, но Електростопанство на Македонија пресметува таканаречени карбон кредити. Македонија како членка на Европската енергетската заедница, предвидено е од 2023 година да ги плаќа тие карбон кредити поради употребата на јагленот во производството на електрична енергија. Допрва таа цена ќе се испорача во цената на струјата.
Од друга страна, и самата енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија што се планира да заврши до 2040 година има своја цена. За сите тие ветерни-паркови, фотоволтаични електрани и гасни централи треба да се обезбедат пари. Дали тоа ќе биде преку Буџетот, или со кредити, крајниот цех го плаќаат домаќинствата и стопанството.
Во меѓувреме, преку разни мерки, државата влијае на енергетската ефикасност и на намалувањето на загадувањето. Се даваат субвенции за ПВЦ и за алуминиумски прозорци, за велосипеди, тротинети, инвертери, а најнова мерка е субвенционирање плински и други еколошки уреди во автомобилите. Во превод: еве ќе ја зголемиме цената на дизелот со еколошка такса, ама ви даваме можност да го прилагодите возилото на еколошко гориво со државна помош. Но, и оваа навидум фер понуда, не е фер. Во државата четириесетина проценти од патничките возила се на дизел, а државата ќе субвенционира само 600 граѓани со износ до 300 евра, односно до 50 отсто од ова инвестиција. Од друга страна, каде се тука товарните возила? Што ќе се прави со нив? Според една поголема студија што е направена од страна на Град Скопје „Транспортот во Скопје, реалност и предизвици“, а која е од 2016 година, 70 отсто од товарниот превоз користи дизел гориво и 40 отсто од тешките товарни возила имаат стандард под „евро 1“. Можеби нешто се подобрило во споредба со состојбата во 2016 година, но она што е видливо и што не се подобрило е дека се толерира транспортот на тешки камиони низ населени места, наместо да се движат низ автопати (често за да не се плати патарина) и дека и тоа е еден дел од приказната за загадувањето (која во овој случај е уште пострашна затоа што камионите ја нарушуваат безбедноста).
Што и да преземе државата, паѓа во вода ако не се спроведе една еколошка револуција – во свеста на политичарите, со изградени системи за контрола, со борба против корупцијата која ќе може да ја видиме сите, со судски завршници за сите оние кои ја злоупотребиле животната средина и здравјето на луѓето. Во спротивно, никој нека не спомнува ни зелена транзиција ни зелена агенда. Не одат тие со зелена мафија.https://www.slobodenpecat.mk/ne-odi-zelena-tranziczija-so-zelena-mafija/