вестиТоп вести

Нејзиното височество тиква – „Бутик за тикви“  во Битола

Доколку дојдете во Битола и го посетите зелениот пазар, не смеете да го пропуштите  Бутикот за тикви. Со него  менаџира Пецо Јовановски, познат како Јурукот,  од с. Долно Оризари битолско. Таму ќе имате можност да ги  видите боите на есента, а и да си купите, најразлични сорти на тикви. Од оние за јадење, кои се варат, се печат но и оние украсните. Зелена берза го посети овој бутик и разговараше со Пецо кој секогаш е расположен за муабет и со задоволство зборува за својата работа.

„Цел живот се занимавам со земјоделие, сè и сешто, бавчанџилук претежно со тикви. Имам околу 50 сорти  тикви. Скоро сите семиња се од нашето поднебје, но имам и од странство, како што е оваа јапонската, шеќер блага е. Кој еднаш пробал дошол пак да купи.  Да ти кажам оние украсните повеќе се бараат. Нив особено ги бараат учителките, им требале за на работа, ама се трошат и оние за јадење. И од нив имам секакви, вели Пецо. Садам 4 декари само со тикви. Носам редовно на овој пазар, ама ми ги бараат и на други места, во други градови, но и надвор од државата во Германија, Бугарија и други земји“, објаснува Пецо.

„Бутикот за тикви“ е отворен секој „петок и сабота“ како и „вторник и среда“. Останатите денови работи по нивите. Вели дека после Крстовден треба да се собира сè, оти можно е да настапат дождови, слана и сл. Во „Бутикот“ пак освен производ, купувачот може да добие и некој совет како за нутритивните вредности за тиквите , за што сè може да се користат, а може и некој рецепт како да се зготват. Сето тоа му е поткрепено со написи во печатени медиуми.

 

Тиквите се многу специфични плодови и потребно е многу да се внимава со нив околу складирањето, вели Пецо.

         

„Тиквата може да издржи до -12 степени, но сепак подобро е да биде заштитена. Дома имам специјално место за чување. Ги ставам на душек, потоа над нив ставам уште еден душек за да не се притискаат една со друга и ги покривам. Ако зимата е многу јака некогаш и ја загревам просторијата“, објаснува Јовановски за Зелена берза.

           

Пецо со ќеф си ја работи работата, ама вели дека воопшто не е лесно.

„Да ти кажам право крпачка работа е оваа. Разочаран сум оти не оди и не се исплати. Порано повеќе се трошеше. Уште некоја година можи ќе издржам, ама тешко е. Сè сам работам, децата се вработени, а невестата има обврски околу стоката“ загрижено зборува Јовановски.

Вели дека стоката што ја има ја намалува. Ги продал козите,а следни се и двете крави и телињата, а додека може ќе функционира и „Бутикот за тикви“.

П.Ј.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close