Некарактеристичните температури за овој период опасни за растенијата
Стручњаците од аграрот предупредуваат дека високите температури кои достигнаа и над 20 степени, за овој период се некарактеристични и може да имаат негативни последици врз растенијата.
„ Деновиве е регистрирано сокодвижење кај родните папки кај праските и кајсиите, посебно кај раните сорти праски како што се Сприн крес, Сприн бела, Сан клаус, нектарина и други. Доколку во наредниот период минималните температури се симнат на -3 степени се заканува опасност од целосно измрзнување на родните папки. Затоа на овоштарите им се препорачува задолжително да извршат третирање на своите насади со бакарни препарати и инсектицид со цел да се запре прирастот на цветните папки“ вели раководителот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци, Драганчо Николов.
Тој нагласува дека сокодвижењето е регистрирано и кај лозовите насади каде од 70 до 80% резидбата е завршена. Затоа и лозарите треба да извршат зимска заштита со бакарни препарати.
„Климатските промени си ги покажуваат забите. Имаме високи температури иако сеуште календарски зимата не е завршена. Сето тоа го пореметува системот на растенијата и може да има сериозни последици“ вели проф. Д-р Ристо Вучков.