fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Нема доволно ни пари, ни кадар за решавање на загадувањето во Пелагонија

Општина Битола има само двајца инспектори за животна средина, тоа го гледаме како најголемата слабост. Другите општини  не спомнаа за ваков кадар. Значи мора да се зголеми капацитетот на квалификувани кадри за животна средина и ова да се стави како приоритет, рече Томе Крстевски од „Глобал“.

 

Битола-Проблемите со заштитата на животната средина и загадувањето се наталожени во изминатите години и има недостиг на финансиски средства, а оние средства кои се одделуваат  од буџетот не се доволни за да се решат проблемите. Има недостиг од квалификуван кадар и недоволно интерсекторска соработка и соработка со останатите засегнати страни во општините и со граѓаните. Ова го покажа истражувањето на Здружението „Глобал“ од Битола во рамки на проектот „Граѓаните следат, креираат и одлучуваат за своите пари“, спроведен во општините Битола, Новаци и Могила.

-Тука е најслабата точка, Општина Битола има само двајца инспектори за животна средина, тоа го гледаме како најголемата слабост, капацитетот. Другите општини  не спомнаа за ваков кадар. Значи мора да се зголеми капацитетот на квалификувани кадри за животна средина и ова да се стави како приоритет, рече Томе Крстевски од „Глобал“.

Општинскиот инспекторат во 2016 година направил 62 надзори, но не се изречени глоби, во 2017 година не се изречени глоби, а имало 34 надзори, 2018 има една глоба, а пет казни со 54 надзори во 2019 година.

Од анкетата спроведена врз седумдесетина граѓани, најголемиот дел од нив или 89 проценти состојбата со загадениот воздух ја оценуваат како лоша. 78 проценти не знаат колку пари се трошат од буџетот на Општината за да се намали аерозагадувањето, а 55 проценти се недоволно информирани за состојбата со загадениот воздух. Сепак сметаат дека инвестициите во намалување на загадувањето не се доволни. Дури 95 проценти не се задоволни со пристапот за решавање на загадениот воздух, а 70 проценти не покренале ни иницијатива за решавање на овој проблем. Од „Глобал“ сметаат дека граѓаните не се информираат за вистинска состојба за животната средина поради недоверба во институциите.

„Глобал“ во своето истражување дојде до податоци за тоа колку средства биле потрошени за заштита на животната средина. Општина Битола дала пари за субвенционирање на пелети и инвертер клими од 2017 до 2019 година во износ од над 210.000 евра. За субвенционирање на велосипеди 9.450 евра, еко греење во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ над 84.000 евра. Отпочнат е проект за пречистителна станица кој изнесува 27,8 милиони евра. Во Програмата за животна средина издвоени се уште 50.000 евра и други проекти.

Под мониторинг  беа ставени и средствата што РЕК-Битола ги дава за трите пелагониски општини кои најмногу се погодени од загадувањето од комбинатот.

-РЕК-Битола во изминатите четири години дал 1.300.000 евра за еколошки проекти во општините Битола, Новаци и Могила. Во РЕК се решава и проблемот со отпепелувањето. Во голема мера е решен, зашто една третина од површините се покриени со земја, рече Крстевски.

Проектот на „Глобал“ се спроведуваше во изминатите 6 месеци, на крај од истражувањето како се  трошат јавните пари од аспект на  животната средина Крстевски со препораки.

-Наши препораки се дека потребен е отворен пристап кон проблемот, ставање како приоритет на животната средина и да се вложат големи финансиски средства. Да се вложи во човечки квалификуван кадар и градење на доверба со граѓаните, заедничко вклучување и помош од владата, европската заедница, институции, јавните претпријатија, бизнис секторот и најважно  вклучување на граѓаните во креирање на политиките и донесување на одлуки за да се реши проблемот со заштита на животната средина и аерозагадувањето во Пелагонија, нагласи Крстевски.

 

А. Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close