Нема можност за жалби за одлуките за државни субвенции
Малите и средни претпријатија кои ќе конкурираат, но кои нема нема да ја добијат државната помош од Планот за економски раст, ќе немаат можност да се жалат. Сепак, директорот на Фондот за иновации уверува дека мали се шансите за малверзации при одлучувањето кој ќе ги добие парите.
Имено, освен претставници од кабинетите на премиерот Заев и на неговиот заменик Кочо Анѓушев, во комисијата ќе бидат вклучени и експерти и членови од трите Стопански комори.
„Ќе имаме доволен рок од неколку недели каде што ќе се врши административната проверка и стручните лица ќе може да направат проценка и да донесат одлука“, рече Јован Деспотовски – директор на Фонд за иновации.
Но, според Сојузот на стопански комори, проблем е што дел од домашните мали и средни компании немата капацитет сами да ги напишат проектите за добивање на неповратните средства од државата.
„Од наша страна веќе преземаме активност за зголемување на капацитетите, директно на компаниите, како и дополнително вмрежување помеѓу нив, помеѓу професионалци, експерти и со потенцијалните корисници за да добиеме квалитетна апликација и искористување на средствата“, вели Александар Зарков – Извршен директор на Сојуз на стопански комори.
Инаку, на располагање за искористување на државната помош има 10 милиони евра. Но, секоја од компаниите ќе може да добие најмногу по околу 300 илјади евра. Се очекува првите договори да бидат евентуално потпишани кон крајот на јули.