fbpx
ВестиЛов и риболов

Рибочуварите добиваат овластувања како инспектори

Рибочуварите можат да легитимираат и проверуваат документи кај сите рибари што ловат во води што не се издадени под концесија, односно никој не стопанисува со нив. Ова им го дозволува Законот за земјоделската инспекција, кој е во собраниска процедура. Со донесувањето на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделството ќе се изврши уредување на овластувањата на рибочуварите што ги чуваат риболовните води од бесправен риболов и риболовни кражби. Измените предвидуваат и формирање прекршочна комисија.

ribochuvarite dobivaat ovlastuvanja kako inspektori

 

– При контролата рибочуварот има право од лицата што ловат риба од брег и од пловен објект, како и од лицата што се наоѓаат во непосредна близина на риболовната вода, да побара документ за лична идентификација. Исто така, може да врши преглед на средствата со кои лицето дошло до риболовната вода. Може да побара и дозвола за вршење риболов во согласност со Законот за рибарството и аквакултурата, но и привремено да ги одземе риболовните средства и уловената риба доколку утврди неправилности – стои во Законот.

Рибочуварот составува записник и доколку констатира неправилност, привремено ги одзема риболовните средства и рибата за што издава потврда за привремено одземање. Одземените риболовни средства и рибата со целокупната документација ги доставува до инспектор.

Според Законот, овластувањето за вршење инспекциски надзор инспекторот го докажува со службена легитимација со амблем. Со измените на Законот се предвидува и формирање прекршочна комисија, која ќе биде надлежна за водење прекршочна постапка, за прекршоци од одделни области и за одделни подрачја од земјава во согласност со надлежноста на апелациските судови. Неа ја формира министерот за земјоделство. Таа треба да биде составена од три члена и нивни заменици, од кои еден дипломиран правник со пет години работно искуство во струката од редовите на вработените во министерството и двајца дипломирани земјоделски инженери со три години работно искуство во струката од редовите на вработените во министерството.

Мандатот на членовите на комисијата трае три години, со право на реизбор на членовите. Против одлуката на прекршочната комисија може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен од областа за инспекциски надзор и прекршочната постапка во согласност со Законот за прекршоците.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close