fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Неопходно е да се амортизира ударот на поскапувањата

Може ли товарот од покачувањето на цените да се подели и на произведувачите и на потрошувачите

Може ли товарот од покачувањето на цените да се подели и на произведувачите и на потрошувачите

Потрошувачите во Македонија веќе се директни сведоци на бурните случувања на пазарот на храна, како и на новите ценовници за речиси сите видови производи. Од месо и месни преработки, масло, житни производи, готови производи, зеленчук и овошје… Исто така, забележителен е и често нереален пораст на цените, што од страна на аналитичарите се коментира како обид на потрошувачите и трговците да ја искористат ситуацијата за лов во матно.

Голем скок кај цените на гасот, нафтата и електричната енергија и неизвесност на светските пазари на енергенти

Светските аналитичари сметаат дека за разлика од претходните години, сега растат цените на сите производи, а поголемиот дел од производителите ќе бидат принудени да прават нови ценовници бидејќи тие тешко одржуваат чекор со побарувачката.

Според последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), во септември цените на храната достигнаа највисоко ниво во последните 10 години, а овој пораст се должи најмногу на поскапувањето на житните производи и растителните масла. Некои од компаниите во светот ги зголемиле цените на повеќе од половина свои производи на домашниот пазар, но признаваат дека ги зголемуваат цените и за надворешните пазари. Во текот на пандемијата, поради мерките за контрола на заразата, производството на суровини (од земјоделски култури до растителни масла) во многу земји беше редуцирано, што резултира со намалени испораки. Сега државите се отвораат, но понудата не успева да одржува чекор со побарувачката, па затоа цените растат. На пример, Би-би-си нагласува дека производителите дополнително ги притиска неизвесноста на пазарот на енергенти и големиот скок кај цените на гасот, нафтата и електричната енергија.
Мигел Патрисио, генерален директор на компанијата „Крафт Хајнц“, вели дека потрошувачите мора да се навикнат на повисоки цени на храната, бидејќи светската популација расте, но не расте и бројот на земји што произведуваат храна.
– Сметам дека зголемените трошоци не би требало во целост да паднат на грбот на потрошувачите и дека компаниите ќе мора да преземат дел од тој товар. Индустријата и другите компании треба да се обидат поскапувањата да се сведат на минимум – вели Патрисио.
Минатата недела и „Пепсико“ предупреди дека се соочува со генерално зголемени трошоци – од транспорт до суровини – и дека најверојатно на почетокот на идната година ќе следуваат поскапувања на нивните производи.

„Фајненс тинк“: Во Македонија цените пораснаа за 3,7 отсто споредено со минатиот септември

Според податоците на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, во септември 2021 година, во Македонија цените пораснаа за 3,7 отсто споредено со минатиот септември, додека, пак, во последната деценија инфлацијата изнесуваше 1,4 отсто.
– Неколку фактори влијаат врз растот на цените, на пример потрошувачката на неесенцијални производи, и со напредувањето на вакцинирањето и отворањето на економијата, потрошувачката забрзано се зголеми. Цените на многу производи денес се значајно повисоки од истиот период во 2020 година. Дел од порастот на цените е таканаречен базен ефект (ниска споредбена основа). Следниот фактор е тоа што светската економија сѐ уште страда од прекини во синџирите на снабдување, додека побарувачката расте, што значи дека нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката притиска врз цените и дел од порастот на цените е последица на оваа нерамнотежа – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Оттаму нагласуваат дека еден од факторите за растот на цените е и енергетскиот дисбаланс, додавајќи дека базниот ефект ќе исчезне во првата половина од 2022 година и дека ќе има нормализирање на трговските текови.
– Поголем дел од притисокот врз цените се очекува да исчезне до средината на 2022 година. Но властите мора да останат будни и да дизајнираат мерки што ќе ги заштитат најранливите од евентуални трајни ценовни ефекти, а притоа нема да му наштетат на постпандемиското закрепнување – посочуваат од „Фајненс тинк“.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close