Невреме направи пустош во Прилепското село Канатларци, велат жители од ова село. Силен дожд, проследен со град и ветер го зафати овој регион во текот на вчерашниот ден. Невремето траело скоро еден час и предизвикало големи штети на културите. Најмногу настрадаа градинарските култури, тутунот, како и житните култури кои беа во фаза на созревање пред жетва.
Поројниот дожд предизвика и излевање на каналската мрежа и поплави на земјоделското земјиште, што направи дополнителни штети.
-80% од полето во Канатларци Прилепско има штети од невремето што вчера го зафати овој регион, вели Беџет Исмаил жител од ова село. Невремето го зафати полето од Канатларци накај Добрушево и кон Ношпал. Направени се големи штети на тутунот, пченицата, пиперот, бостанот и сончогледот. Кај мене 12 декари тутун е целосно уништен, бостанот исто така нема ништо. Оштетување имам и кај пченицата,м некаде 50-60%. Обработувам 80 ха земја, скоро 60-70% ми е уништена, вели Беџет.
Слична е состојбата и кај останатите жители на селото. Градот со големина на орев направи огромни штети велат мештаните. Во текот на денешниот ден мештаните ги пријавуваат своите штети во осигурителните компании и ПЕ на МЗШВ во Прилеп.
После ова жителите од ова село надеж гледаат во она што остана од пченицата. Апелираат до надлежните да им се помогне барем со цената на пченицата и таа да не биде помала од 12 ден/кг.
П.Ј.