Невремето и мелничарите го уништуваат лебното жито
Невремето што во последните денови ја зафати Пелагонија, особено во делот на општината Могила, а и мелничарите, кои сакаат да го откупат лебното жито речиси за бадијала, ќе ги остават без брашно не само потрошувачите туку и најголемиот број земјоделци, кои оваа година, како што стојат работите, нема да извадат леб ни да се прехранат.
Ова го тврди претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров, според кого, колку што невремето им направи штета на земјоделците, исто толкава штета се обидуваат да им направат и мелничарите, кои сакаат да го откупат лебното жито само за осум денари по килограм.
Поради огромните штети што ги предизвикаа силните врнежи од дожд и градот, кој уништи буквално сѐ што беше засадено и засеано, општината Могила на својата вонредна седница на советот прогласи елементарна непогода во шест села. Од поројните дождови и градот што го зафати Могилско најмногу настрадаа селата Могила, Радобор, Долно Српци, Ивањевци, Беранци и Вашарејца.
– Штетите од невремето се огромни. Колку изнесуваат тие засега е тешко да се процени, но, како што стојат работите на полето, по сѐ изгледа дека за голем број земјоделци оваа ќе биде изгубена година и тие не само што нема да извадат род за потрошувачите туку нема да добијат ни лебно зрно за себе – вели претседателот на советот на Могила, Александар Јанкуловски, кој притоа додава дека деновиве општината Могила е место каде што постојано пристигнуваат голем број земјоделци што ги пријавуваат штетите и бараат спас од последиците од силното невреме.
И како што обично бидува кај нас, една несреќа не доаѓа сама и не оди без друга. И покрај сите апели, молби, обуки, инсистирања на надлежните од Министерството за земјоделство и од неговите подрачни единици, земјоделците да ги осигуруваат своите земјоделски површини, за што државата даваше субвенции до 60 отсто, најголем број од тие што претрпеа штети од последните обилни врнежи од дожд, за жал, не ги има осигурено земјоделските површини и не може, освен од Владата, да очекува помош од никој друг.
– Иако и ние самите сме виновни што не се стекнавме со навика да ги осигуруваме земјоделските површини, сепак и од осигурителните компании имаат вина за тоа, бидејќи по последните штети што ги претрпе Ресенско тие не сакаа да ни ги осигуруваат површините – раскажуваат некои од земјоделците во Могила.
Инаку, покрај штетите што ги претрпеа од силните врнежи од дождот и градот, земјоделците оваа година се среќаваат и со огромниот проблем што им го создаваат мелничарите со ниските откупни цени на лебното жито. Доколку не се направи нешто за зголемување на откупната цена, не само што лебното жито ќе остане по амбарите, туку, како што велат, ќе нема кој да ја откупи ни сламата.
– Мелничарите нудат само осум денари за килограм лебно жито, без превоз до силосите. Доколку на таа ниска цена се додаде и цената на превозот, која изнесува најмалку 0,50 денари по килограм, математиките покажуваат дека лебното жито би се откупувало само по 7,5 денари за килограм, што е навистина крајно ниска цена – уверува земјоделскиот лидер Тантаров.
Тој тврди дека доколку продолжи вака политиката на откуп на лебното жито, нема да помине многу време кога од Пелагонија засекогаш, исто како и шеќерната репка, ќе исчезне и пченицата, која во добрите времиња беше посеана на површини од најмалку 17-18 илјади хектари.
– Поради смената на структурата на земјоделските култури, пченицата и така во последно време беше малку застапена во Пелагонија. Ако во приватниот сектор таа беше посеана на околу 5.000 хектари, во комбинатот „Пелагонија“ беше застапена само на 3.000 хектари. Сега, како што стојат работите, доколку мелничарите не го одврзат ќесето и не ја зголемат откупната цена, пченицата ќе остане во амбарите, а прашање е дали во наредните години таа ќе се сее во Пелагонија – тврди Тантаров.
За споменување е и тоа дека иако невремето, за среќа, не го зафати Новачкото Поле како Могилско, сепак и таму, поради влажноста на нивите, земјоделците не можат да влезат со комбајните во полето, па жетвата на пченицата е одложена до понеделник, до кога земјоделците очекуваат времето да се подобри и да се создадат услови за жнеење.