fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Незапаметена суша ја уништува есенската сеидба

Во вакви сушни години, пролетната сеидба претставува подобар избор од есенската, смета Николовски.

Поради екстремната и долготрајна суша, во последно време сведоци сме на еколошката катастрофа што ја доживуваат вештачките водени акумулации и природните езера во државата. Но, недостатокот на вода има сериозно влијание и врз земјоделието како важна стопанска гранка кај нас. Тоа е многу ранливо на климатските промени. Сите температурни флуктуации во текот на сите фази на вегетирање си имаат свое влијание на крајниот резултат. Сепак, влажноста во почвата е најважна во текот на никнување на едно растение. Доколку влажноста не е присутна во одреден процент растението нема воопшто да никне на засеаните површини.  Младиот и амбициозен земјоделец Љупче Николовски од селото Горно Агларци, Битолско, загрижено констатира дека Пелагонија во моментов се соочува со незапаметена суша.

-Во моментот владее незапаметена суша. Имам насадено седум хектари со пченица. Уште од почетокот на август нема заврнато квалитетен и обилен дожд кој ќе обезбеди доволна влага за есенската сеидба. Како последица на тоа и земјата е распукана. Никнати се само околу 50% од растенијата. Некаде и помалку. Во соседните села Будаково и Трап ситуацијата е уште полоша. Многу парцели во атарите на пелагониските села ќе треба напролет повторно да се засеат со други, пролетни култури, вели Николовски во разговор за „Зелена берза“.

Во последната декада земјоделците од Пелагонија неколкупати се соочувале со проблеми предизвикани од сушни периоди.

-Стабилното и суво време проследено со ниски температури и мала влажност на почвата се одразува крајно негативно врз есенските посеви. Есенските месеци во минатото се одликуваа со секојдневни врнежи и голема  влажност на почвата. Денес дождовните денови се ретки или пак целосно изостануваат. Ова се случува повеќе пати во последната декада. Кога нема правилно никнување или пак не е доволно развиен кореновиот систем на растението тоа станува ранливо во поглед на пребродување на зимските месеци. Во вакви години пролетната сеидба претставува подобар избор од есенската, смета нашиот земјоделец.

Земјоделското стопанство на Николовски е опремено со целокупната потребна механизација.

-Имам набавено доста квалитетна механизација која вклучува три трактори од брендот Тафе. Исто така ја поседувам и целокупната потребна приклучна механизација, но поради климатските промени и други непогоди кои се поприсутни не можам да напредувам. Секоја поголема инвестиција во оваа ситуација е проследена со ризик, смета Николовски.

Според него како последица на сушата се јавуваат и други проблеми. Присутни се во изобилство и многу штетници како инсекти и полски глувци. Тие предизвикуваат големи штети користејќи го засеаното семе за сопствена исхрана. Многу парцели изгледаат како швајцарско сирење како последица на големото присуство на полските глувци, раскажува Љупчо.

И покрај тоа што климатските промени се глобален проблем, не сите земји се погодени подеднакво. Некои земји што се наоѓаат повисоко на северната хемисфера како на пример Финска имаат поголеми приноси, додека во Грција приносите се намалуваат. Во оптек се две решенија во земјоделството за оваа појава. Едното е спречувањето со поставување на ефикасни и модерни системи за наводнување, а другото прилагодувањето спрема климатските промени. Ова второто вклучува одбирање на поотпорни врсти и сорти на временските варијации. Во праксата е докажано дека старите автохтони сорти се поотпорни на овие негативни влијанија.

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close