
Никица Бачовски го демантира Цветан Трипуновски дека исплаќа стари субвенции за земјоделците
МЗШВ и Платежната агенција не одговорија на прашањата на „Зелена безра“ колку заостанати субвенции исплатиле за директни плаќања по мерки од програма за финансиска поддршка во земјоделството за трите „спорни“ години.
„Исплатени се над 9 милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци“, ова е официјална информација која изминатиот период ја споделуваат владата и министерот за земјоделие Цветан Трипуновски. Од оваа сума се потенцира дека добар дел се неисплатени субвенции од 2020 година до 2023 година кога СДСМ беше на власт. Но, на прашањата на „Зелена берза“ упатени до МЗШВ и Платежната агенција никој не одговори колку од вкупната исплатена вредност во назначениот период е за директни плаќања по мерки од програма за финансиска поддршка во земјоделството за трите „спорни“ години.
Владата последно соопшти – „За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции…Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, соопшти владината прес-служба.
После бројните изјави во изминатата година од страна на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Цветан Трипуновски за наследен долг за субвенции за 2021, 2022 и 2023 година, редакцијата на „Зелена берза“ постави прашање до поранешниот директор на АФПЗРР Никица Бачовски, зошто 4 години не биле редовно исплаќани субвенции, и по кои основи? Колкави се старите долгови?
-Ваквите изјави немаат апсолутно никаква корелација со фактичката состојба. Во агенцијата има одлична евиденција за тоа колку средства за која годишна програма се исплатени. За најточна и најрелевантна информација на оваа тема би ве посочил да се обратите до агенцијата и да прашате колку од исплатените субвенции од 1 август 2024 до ден денес се за 2020, 2021, 2022 или 2023 година – изјави Никица Бачовски за „Зелена берза“.
„Зелена берза“ се обрати до МЗШВ и Платежната агенција со барање за информации од јавен карактер за тоа колку од исплатените средства се за стари долгови. Се уште немаме одговор на поставените прашања иако законскиот рок од 20 дена одамна истече, а тие имаат законска обврска да одговорат.