Николовски: Храна ќе има, граѓаните да им веруваат на институциите
Подготвуваме план за поддршка на пролетната сеидба
Сега гледаме колку е важно обезбедувањето храна, но граѓаните не треба да се грижат. Имаме доволно колични основни производи, подготвуваме план за поддршка на пролетната сеидба, а резултат ќе дадат и интервентните мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во гостувањето на „Утрински брифинг“, Николовски потенцира дека максимално одговорно се постапува, се следат состојбите и се реагира навремено.
-Храна ќе има. Активно и будно ја следиме состојбата. Граѓаните да не стравуваат и да им веруваат на институциите, порача Николовски.
Според него, предвидувањата во светски рамки покажуваат колку е ситуацијата сериозна, што, пак, е уште една потврда за значењето на земјоделството и производителите.
Министерот уште еднаш кажа дека со Србија е договорен извоз на околу 50 000 тони жито, но на вчерашната средба во Белград станало збор и за увоз на рафинирано и нерафинирано масло.