fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Николовски-Не сме задоволни од ефектот на субвенциите, подготвивме нов модел

Новиот модел на субвенционирање треба да почне да се применува од 1 јануари 2023 година.

Земјоделците од 1 јануари 2023 година ќе може да очекуваат авансни исплати од 30 проценти пред да завршат административните проверки од страна на Платежната агенција.

Крупни измени во земјоделската политика најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Тој рече дека државата дала многу пари, но кога тие ќе се споредат со ефектот, се доаѓа до сознанието дека парите не ја исполниле својата функција. Најавувајќи го новиот начин на субвенционирање, министерот Николовски, сосема отворено, заборуваше и за досегашните можности што ги оставал самиот систем за злоупотреба на парите, така што дел од нив не отишле во рацете на вистинските земјоделци.

Тој потенцира дека постојните субвенции нема да се скратат, туку ќе се распоредат во повеќе програми, а новиот модел ќе обезбеди побрза исплата.

– Слушавме за многу манипулации, за тоа дека земјоделците се жалат за нередовни исплати и за сложен процес на администрирање на нивните барања. Денес отвораме дебата за нов начин на субвенционирање. Нашиот предлог прво го презентиравме пред Агросоветот, тоа е ново тело и е највисок орган за водење земјоделски политики. Заедно со Платежната агенција посветено работевме на новиот модел и бараме поддршка од сите чинители, со цел подобро управување на парите од народот и поголемо производство на храна – рече Николовски.

Новиот модел на субвенционирање треба да почне да се применува од 1 јануари 2023 година.

„Целта е да ја зголемиме поддршката и субвенционирањето на оние производи што ги бара пазарот. Тоа е и успешна европска политика“, вели Николовски.

– Во таа насока ја променивме и законската регулатива. Ќе има авансни исплати од 30 проценти пред да завршат административните проверки од Платежната агенција. Исто така, цел ни е и поголема контрола – рече Николовски.

Тој објасни дека во оваа првична верзија на новиот модел на субвенционирање, се предлага разграничување меѓу неврзаните и врзаните директни плаќања. Тоа значи дека кај растителното производство, земјоделците ќе добиваат основни директни плаќања за површината што ја обработуваат, без разлика на произведената количина и без разлика на тоа што произведуваат. Дополнителните плаќања, според предлогот, ќе се исплаќаат само за одредени култури, кои како стратегиски ќе се определат заедно со земјоделците.

– Дополнителните плаќања ќе бидат врзани со доказ дека производите се предадени кај регистриран трговец, или производител. Така ќе ја спречиме и сивата економија. На овој начин ќе се оневозможи некој што, на пример, не го работи лозјето, да го одржува само колку да зема субвенции – вели Николовски.

Кај сточарското производство се предлага исплатата да се однесува по грло, за основно стадо, и зголемување на износот за поддршка.

– Предлагаме сите исплати да бидат по количина, со што овозможуваме олеснети административни постапки, почести и брзи исплати на субвенциите, но и полесна можност за дополнување на програмата во зависност од потребите. На пример, кај сточарството ова би значело исплатата за секој литар предадено млеко да се врши секој месец. Целта ни е целото домашно производство да заврши во домашните преработувачки капацитети – рече министерот.

Програмата за рурален развој треба да прерасне во Инвестициска програма, што се поклопува со новата седумгодишна програма ИПАРД, со која на располагање ни се 97 милиони евра, а заедно со кофинансирањето ова ќе значат 210 милиони евра инвестиции во земјоделскиот сектор.

Во Програмата за рурален развој останува поддршката за млад земјоделец и за руралните жени, а новина е поддршка за бизнис-план до 10.000 евра, која може да ја искористат регистрираните земјоделци за проширување на нивната дејност.

Николовски најави и интензивна работа во насока на развој на земјоделските задруги за да може производителите да работат здружено и заедно да бараат пласмани.https://www.slobodenpecat.mk/ministerot-ljupcho-nikolovski-najavi-krupni-promeni-ne-sme-zadovolni-od-efektot-na-subvenciite-podgotvivme-nov-model/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close