Николовски-Сите земјоделци со минимум 4.000 килограми приноси по хектар пченица, ќе добијат дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар
Се зголемува поддршката за набавка на вештачки ѓубрива за пченица на 4.000 денари по хектар.
Николовски денеска пред Владата одржа прес-конференција на која најави дел од мерките на Националниот план за производство на храна.
„Во оваа глобална економска криза имаме обврска да обезбедиме одржливо, но и зголемено производство на домашна храна преку поддршка на домашното производство, особено на стратешките земјоделски структури. За таа цел Министерството подготви национален план за производство на храна кој ќе биде доставен до Владата.“, рече Николовски.
Министерот најави зголемена поддршка за поледелските култури, а се задржа на мерката за поддршка на пченицата како стратешка култура.
„Со планот предвидуваме измена на програмата за интервентниот фонд, односно се зголемува поддршката за вештачки ѓубрива и за пченица и ќе изнесува 4000 денари по хектар, доколку минимум е употребено 200 кг ѓубриво по хектар. Оваа мерка важи и за фолијарна прихрана на пченицата.
За оваа субвенција може да аплицираат сите земјоделски стопанства запишани во ЕРЗС кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и имаат набавено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во период од 01.12.2021 до 31.05.2022 година. Рокот за поднесување на барања е до 15 јуни 2022 година“