Николовски за МИА: Годинава најмалку 205 милиони евра вкупна поддршка во земјоделството
До крајот на февруари ќе се направи преглед на сите склучени договори и на целокупното слободно земјоделско земјиште.
И без да ги почнеме преговорите со ЕУ, веќе се усогласуваме со поглавјата и со европските директиви за да биде полесен процесот кога ќе почнат преговорите. Кога прв пат дојдов на функцијата во 2017 година, мојот приоритет беше да се исплати долгот за субвенции од 350 милиони евра што го остави претходната власт. Паралелно решававме и други проблеми, градевме систем. Резултатите се веќе видливи. Сега е многу поедноставно да се носат мерките. Моментно сме насочени кон усогласување на законодавството со европските директиви, но никако нема да изостане и реализацијата на капиталните проекти, како и на програмите, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во интервју за МИА, Николовски најавува „средување” на земјишната политика, отворање три откупни центри, во Ресен, Скопје и Струмица, донесување неколку нови закони и јакнење на институционалните капацитети.
Министерот очекува годинашната вкупна поддршка во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра. Крајно време е, додава, за сериозни реформи, и ниту едно политичко прашање, вклучувајќи го и проблемот со Бугарија, не треба да претставува кочница. Работите дома мора да се завршат.
Тој порачува и дека земјоделството не треба да биде предмет на политички поткусурувања.
-Опозицијата да излезе од филмот и да ја види реалноста, да престане со популизмот и со евтините обиди за собирање политички поени преку земјоделството. Додека се шират лаги и лажни вести, додека Цветан Трипуновски се наоѓа во некое заостанато време, ние зборуваме за прилагодување кон заедничката европска аграрна политика. Тоа дојде на дневен ред откако расчистивме со долговите што ни ги остави Груевски. Работиме на нови мерки, на нови капитални проекти кои никогаш досега не биле спроведени и на нови закони согласно европските, нагласува Николовски.
Од јуни 2017 до мај 2019 година Николовски прв пат ја извршување функцијата министер за земјоделство, а од минатиот месец и официјално се врати во ресорот.
Министре, по речиси три години повторно се враќате на функцијата во ресорот земјоделство. Што значи реизборот за Вас, посебно сега, во период на корона криза и евентуален почеток на преговорите со ЕУ? Дали е можеби своевидна предност зашто ги познавате состојбите и луѓето или уште поголема обврска и одговорност?
Полесно е, секако, за некој што е веќе адаптиран во соодветниот ресор. Но, имаме зацртано нови стандарди и нови цели на кои треба да работиме. Веќе се гледаат резултатите од мојот претходен мандат. Сепак, продолжуваме уште поинтензивно.
Ќе зборувам отворено и директно. Како држава поминавме многу процеси. Прво, еден период на транзиција во кој пропаднаа голем број компании и многу луѓе останаа без работа. Потоа имавме режимско владеење. Ретко кој носител на политичка функција, премиер, претседател, министер, вицепремиер – независно од која партија, досега презема храбри одлуки. Ние тоа го направивме, преземавме храбри чекори на политичко ниво. Да, по 30 години требаше да дојде премиер како Зоран Заев за да го реши проблемот со Грција и да бидеме на маса со 30 земји членки на НАТО. Секако, имаме уште предизвици, во многу сегменти.
Да се вратам на земјоделството. Некој не сака да ги види ефектите и резултатите или таа тема никако да дојде на дневен ред. Секторот постојано се политизира. Дополнително, во јавноста се создава и некоја перцепција дека субвенциите се социјална помош, дека не се развојни. Но, да се потсетиме.
Во 2017 година зацртавме крупни политики и реформи кои денес се веќе видливи. Потребно беше време да се спроведат. Како пример само ќе ја спомнам „зелената нафта” на чие воспоставување, како системска мерка, изгубивме многу време. Денес е тоа препознатлива мерка која, како што веќе кажав, ја зголемуваме годинава за 13 проценти и го менуваме Законот за да можеме следната година да ја зголемиме поддршката до 100 отсто. И капиталните инвестиции на кои вистински работевме претходно, веќе ги гледаме. Браната „Конско”, најголемиот капитален проект вреден 40 милиони евра, е нешто што беше незамисливо во земјоделството да се спроведе. По четири или пет децении, годинава ќе биде пуштен во употреба. Исто така, проектот за модернизација на земјоделството што беше незамислив пред неколку години – влеговме во тоа, потрошивме време и енергија, знаевме што сакаме и каде сакаме да стигнеме. Денес го имаме не само Законот за модернизација на земјоделството, туку и 50 милиони евра се одобрени и ни се на располагање – неделава Министерството ќе ја формира проектната единица. Завршен е и конкурсот за избор на најдорбите луѓе кои ја знаат оваа проблематика, а фокус ќе дадеме на квалитетот, стручноста и професионалноста.
Во 2018 година ги распишавме и постапките за изградба на Јужновардарска долина, проект вреден 25 милиони евра, на над 1.000 хектари. Денес е веќе завршен, системот е предаден на АД Водостопанство.
Денес имаме и тендерски постапки за четири нови проекти во износ од над 100 милиони евра – за системот во Пепелишта, во Конско, во Јужновардарска долина трета фаза и во Лисиче. Прв пат е усвоена и Програмата за поддршка на стартап винариите.
Да заклучам, многу е полесно да носите нови мерки и политики кога веќе ги знаете состојбите и проблемите и кога имате изграден систем.
Владата ја усвои новата Програма за финансиска поддршка. Кога ја презентиравте, неколку пати акцентиравте дека целта е доближување на македонското земјоделство до европското, усогласување на домашните со европските аграрни политики. На што конкретно мислевте и дали тоа досега не беше случај?
Во 2017 година не можевме да зборуваме за прилагодување кон европските аграрни политики кога Груевски ни остави 350 милиони евра неисплатени субвенции за претходни програми, кога имавме нередовна и селективна реализација на поддршката. Всушност, немаше ред во ниту еден поглед. Барањата на земјоделците тогаш беа – редовна исплата, воведување нови мерки, праведна распределба на земјоделското земјиште, а не кај некои пратеници или функционери, туку кај вистинските производители. Земјоделците бараа ревизија и исплата на долговите, над 350 милиони евра. И тоа беше приоритет за време на мојот прв мандат како министер. Сега веќе имаме расчистени долгови, редовна и неселективна исплата на субвенции. Можеме да се фокусираме на прилагодувањето кон заедничката европска политика.
Сметам дека нам не ни е проблем Бугарија или некое друго политичко прашање за да губиме време и да чекаме некој друг да ги преземе овие храбри чекори и одлуки. И без да ги почнеме преговорите со ЕУ, ние веќе се усогласуваме со поглавјата и европските директиви за да биде полесен процесот кога ќе почнат преговорите.
Во оваа прилика би и порачал на опозицијата, да излезе од филмот и да ја види реалноста, да ја тргне политиката од земјоделството, од аграрните политики да не прави популизам. Тоа го кажав и на првиот состанок со вработените во Министерството. Додека се шират лаги и лажни вести, додека Цветан Трипуновски се наоѓа во некое заостанато време, ние зборуваме за прилагодување со заедничката европска политика. Тоа дојде на дневен ред откако расчистивме со долговите. Имаме нови мерки и политики, нови капитални проекти кои никогаш досега не биле спроведени и нови закони согласно европските.
Најавивте нови „клучни” закони и нови програми. Може ли попрецизно да кажете за што станува збор?
Да. Усогласувањето со заедничката земјоделска политика на ЕУ подразбира промена на домашната законска регулатива. Ќе се донесат три клучни закони за усогласување на националните политики со политиките за земјоделство на ЕУ – закон за директни плаќања, закон за рурален развој и закон за уредување на пазарите.
Најавувам и нов закон за вино, нов закон за пасишта, нов закон за шуми, нов закон за ловство и закон за земјоделско осигурување.
Ова е пакетот закони на кои сериозно работиме и ќе правам притисок 2022-ра да биде година во која сите овие закони ќе бидат донесени.
Во однос на програмите – прв пат имаме посебна програма за органско производство, не во рамки на директните плаќања. Така вели Законот, таква е и европската практика. Имаме и посебна Програма за мали и средни винарии која веќе помина на Влада. Тука се и уште две нови програми – за поддршка и грантови на сите семејни производители на производи од животинско и неживотинско потекло, за оние на кои веќе им овозможивме да продаваат „од куќен праг”. Тие ќе аплицираат прку посебни програми.
Всушност, годинава очекувам вкупната поддршка која ќе оди во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра. Сé поголем е износот на капиталните развојни мерки и политики.
Лани, програмите на Министерството, заедно со капиталните инвестиции и ИПАРД Програмата во 2021 година надминаа 200 милиони евра.
Да се задржиме на поддршката за микро винариите. Со новата Програма се предвидуваат грантови од 10.000 евра…
Програмата за малите винарии се прави прв пат и моментно е проектирана на пет милиони денари, но нашата цел е да имаме отворен повик и сите барања што ќе ги исполнуваат условите, да се бориме во текот на годината да ги поддржиме. Навистина сметам дека е потребна поддршка на сите регистрирани и винарии.
Грантовите од 10.000 евра се предвидени за сите што сакат да инвестираат во опрема и капацитети, а опфаќаат и советодавна помоп, односно ангажирање енолози.
Инаку, од 1 јануари 2020 година во земјава се регистрирани 68 мали, микро, семејни винарии. Овој концепт беше многу оспоруван, а „големите” сакаа да не се случи и го кочеле во изминатиот период. Но, ете, се случи. Всушност, од 1 јануари 2020 година имаме регистрирано поголем број производители на вино отколку во сите 30 години претходно. Тоа значи ставање на располагање на сите капацитети и ресурси, либерализацијат и поттик на сите што сакаат да се занимаваат со семејни бизниси, бутик винарии.
Би сакал да кажам и дека законот за вино ќе биде готов наредниот месец. Ова е проект што почна пред три години, а се работи за сосема нов, европски закон.
Спомнавте и нов закон за пасишта. Ќе ги ставиме ли конечно во функција овие површини?
Веќе работиме на изборот на концепт за законот за пасишта. Има два драфт закона. Формирана е работна група и следната недела ќе ги презентираме и ќе треба да одбереме. Станува збор за 500.000 хектари површина во државата и тој процес навистина треба да биде отворен и транспарентен. Не може да не ги користиме тие површини. Неколку проценти од 100 отсто се засега искористени пасиштата. Државата ниту наплаќа, ниту пасиштата се ставени во функција. Тука има некој судир – дека се некој ќе биде оштетен, дека ќе се бунат сточарите или некој друг, но тука е основата за развој на овој сектор.
Се чувствува интересот кај луѓето за да ги добијат пасиштата во високопланинските средини, да инвестираат, да произведуваат храна. Но, сега не можат ниту да склучат договор, ниту може да добијат поддршка, ниту можат да добијат пари од ИПАРД, ниту можат да инвестираат сопствени средства.
Клучно е да дефинираме што правиме со пасиштата, да ги дефинираме постапките. Тоа ни треба и од аспект на ЕУ зашто таму субвенциите ќе ги добивме по површина. Ние, за 500.000 хектари пасишта, треба да добиме европски субвенции како држава ама за тоа треба да имаме закон, а нашиот Закон за пасишта е од 1998 година.
Министре, се планираат ли некои промени во земјишната политика? Неодамна доделувавте договори, но имаше и реакции од опозицијата…
За средување на земјишната политика имаме пет милиони евра. Преку проектот за модернизација на Светска банка што како концепт го правевме во 2017 и 2018 година, обезбедени се пет милиони евра. Со тие средства земјишната политика ја средуваме еднаш засекогаш. Што значи тоа? Може да значи и формирање нова агенција за земјишна политика, зашто е неопходно системско институционално поврзување на Министертсвото со Агенцијата за катастар, со Платежната агенција, за на телефон, преку апликација, да ги имаме сите податоци и информации, вклучувајќи почвени карти и ортофото снимки.
Мислам дека постапките во овој сегмент се најзаостанати. Тој дел најавувам дека вистински ќе го реновираме.
До крајот на февруари ќе се направи преглед на сите склучени договори и на целокупното слободно земјоделско земјиште. Во вторникот беше задолжен Државниот инспекторат за земјоделство да направи контроли по основ на сите повици, огласи и склучени договори во претходниот период. Ги сублимираме и сите предлози за измени на легислативата во овој поглед.
На ВМРО-ДПМНЕ на некој начин и е криво што земјоделското земјиште оди кај вистинските земјоделци, што им излегуваме во пресрет на сточарите или на другите категории кои сакаат да вложуваат во млекарници, преработувачки капацитети, откупни центри, кои се успешни. Всушност, им излегуваме во пресрет и на малите земјоделци преку јавните повици.
На последните огласи за доделување земјоделско земјиште се достигнати цени како никогаш досега. Неколку пати се зголемени и сега, за новите огласи кои би ги имале годинава, се зема просекот од последните три години.
Од ВМРО-ДПМНЕ имаше реакции на поништувањето на двата јавни повика пред да станам министер. Јас целосно ја оправдувам таа постапка зашто прво, беа констатирани неправилности, има кривични пријави, а целиот материјал е доказен во соодветни постапки на институциите. И кога тие покренале постапки од различни причини за тоа како комисиите и луѓето кои се во комисиите ги вршеле постапките, ние немаме друг избор, освен да ги поништиме и да бидат повторени. Земјоделците нема да бидат оштетени, туку напротив, најавувам дека во рок од две недели овие повици ќе бидат обновени и ќе бидат приширени за повеќе региони.
Контроли за користењето на даденото земјоделско земјиште постојано се вршат. Секаде каде што ќе се воочат неправилности и се стигнати предлози за раскинување на договори, ние тоа сме го направиле. Од 2017 до 2019 година се раскинати договори за неколку илјади хектари.
Последната недела се склучени 900 договори за доделување земјоделско земјиште.
Во февруари Европската комисија треба да ја усвои новата ИПАРД 3 Програма 2021 – 2027 за нашата држава, а откако ќе бидат завршени административните процедури, се очекува да биде објавен и првиот повик. Познати ли се проекциите, колку ќе „тежи” ИПАРД 3?
Лично очекувам над 50 проценти зголемување на средствата со ИПАРД 3 Програмата, а средствата сигурно ќе ги искористиме. Досега најголем интерес имаше за опрема и модернизација на производствени и преработувачки капацитети, а во последно време многу атрактивна е и мерката за рурален туризам.
Еден од највисоките приоритети на кои сум фокусиран е ИПАРД зашто знам дека инвестицијата, времето и енергијата што ги потрошивме од 2017 до 2019 година дадоа резултат. Станавме лидери според искористеноста на ИПАРД. Од земја која плаќаше пенали во 2017 година поради неискористени средства, неакредитирни мерки и комплицирани процедури, денес сме пример во целиот регион. Другите учат од нас како да ја зголемат апсорпцијата на европските пари.
Во 2017 година се чекаше по 18 месеци одобрување на некој проект. Просекот од распишување повик до одобрување е година и пол, а сега се потребни три месеци од повик до склучување договор и на голем дел од оние што набавувале опрема, за четири месеци им се исплатени средтсвата. Затоа тие и се охрабрени да влегуваат во нови инвестиции.
Не само во делот на кратењето на времето и на административните процедури, туку сериозно се работи и на акредитирање нови мерки – лидер мерка, советодавни услуги, рурална инфраструктура како поддршка на општините,…/МИА