Николовски: Со регионалните министри се заложуваме за одржување на стабилноста за снабдување со храна во регионот
Заеднички заклучок е дека граѓаните на Северна Македонија, како и граѓаните од регионот не треба да бидат загрижени.
Денеска по иницијатива на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се одржа он лајн состанок со министрите и претставници од министерствата за земјоделство на Србија, Албанија, Црна Гора, Република Српска и Косово, на којшто се разговараше за случувањата со војната во Украина и потенцијалните влијанија на тековната геополитика врз земјоделскиот сектор на земјите од регионот, состојбата со одржување на пазарите и снабдување со храна.
Регионалните министри посочија дека имаат отворена соработка и се заложуваат за одржување на стабилноста за снабдување со храна во регионот.
„Заеднички заклучок е дека граѓаните на Северна Македонија, како и граѓаните од регионот не треба да бидат загрижени. Потенциравме дека регионалната соработка треба да продолжи и владите да се воздржат од воведувања на унилатерални мерки од било каков вид. Министрите од регионот ја поздравија иницијативата и се согласија дека соработката помеѓу земјите од регионот треба да биде ефикасна и функционална, а граѓаните од сите држави од западен Балкан да бидат сталожени бидејќи заедно работиме да го одржиме стабилно снабдувањето со храна“, изјави министерот Николовски.
При тоа министерот Николовски посочи дека во моментов Северна Македонија е снабдена со доволни количини храна. Николовски повика да се одржуваат отворени каналите за комуникација меѓу нашите земји и регионалните министерства за потребите од примарни земјоделски и преработени прехранбени производи и влезни резерви за земјоделско производство, а воедно на регионално ниво да се споделуваат информации за можните извори за увоз и преземање соодветни активности за задоволување на тие потреби билатерално или мултилатерално.