fbpx
Вести

Николовски: Неопходни се системски мерки за поддршка на пчеларството

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски присуствуваше на отварањето на дводневниот Саем на мед во Кочани на кој учествуваа триесетина излагачи, производители на мед и пчелни производи од сите краеви на Македонија.

 

– Оваа манифестација  е одлична можност граѓаните да се запознаат со врвните македонски пчелни производи, а за пчеларите да разменат искуства кои ќе им помогнат во производството. Пчеларството е гранка која има посебен придонес за нашиот земјоделски сектор поради големото билошко значење на медоносните пчелни производи и опрашувањето на фуражните и овошните  култури, а од пчеларството произлегуваат и високо квалитегни производи, истакна Николовски.

Познато е и огромното хранливо својство на пчелните производи бидејќи пчелите произведуваат производи кои не можат да се добијат во фармацевтските лаборатории. Затоа, истакна Николовски, пчелните производи имаат и висока вредност и се мошне барани на пазарот.

– Свесни сме дека оваа година поради временските прилики беше исклучително тешка за целиот земјоделски сектор, вклучувајќи ги тука и пчеларите кои претрпеа големи штети поради ниските температури и сушата. Како ресорно министерство сме во постојан контакт со пчеларските здруженија и со Сојузот на пчелари на Македонија со цел да најдеме соодветни мерки за решавање на проблемот, истакна Николовски.

Посочи дека меѓу првите исплати што ги направи МЗШВ беа субвенциите за пчеларите.

– Исплативме над два милиона евра во ист ден субвенции за пчелни семејства, а работиме и на спречување на нелојалната конкуренција која создава дополнителни проблеми на пчеларите, истакна Николовски.

Најави натамошна ефикасна подршка на пчеларството и зголемување на финансиска подршка во земјоделството и програмите за рурален развој.

– Неопходни се системски мерки за посеопфатно искористување на природните потенцијали во полза на пчеларството. Нашите идни политики ќе бидат во насока на развој и унапредување и создавање на конкурентни производи со висока додадена вредност, истакна министерот Николовски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close