Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко
Потврдија од подрачните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, во Кавадарци и Неготино.
Оттаму појаснија дека утринава температурата паднала околу минус пет степени и дека првичните согледувања се дека штети има кај овошките на пониските места, покрај Вардар и Црна Река.
-Дополнителните проверки на терен ќе ја дадат вистинската состојба околу тоа кои микролокации претрпеле штети и колкав е процентот на мрзнење од ниска пролетна утринска температура, рече Драган Николов, советник во кавадаречката подрачна единица.
Тој нагласи дека некои од овоштарите, во обид да го спасат годинашниов род, палеле огнови од органски отпад околу овошните насади, со цел да спречат мрзнење на папките кај овошните дрвца. Но, за разлика од организираноста во овој поглед во други држави, овде се уште се работело за изолирани случаи и не многу раширена пракса за заштита.
Николов додаде дека увидот на лице место ќе покаже исто така дали има штети и кај некои од винските сорти грозје, како ,,смедеревка” и ,,шардоне”, кои порано ја почнале вегетацијата. Тој им препорача на лозарите кои имаат вакви и слични сорти, вообичаено подоцна да ја вршат резидбата, за да ги избегнат штетите од доцните пролетни мразеви.
Раководителот на подрачната единица во Неготино, Ѓорѓи Ајтов исто така рече дека теренската анализа ќе го покаже степенот на оштетеност кај овошките, како последица на ниските пролетни утрински температури./МИА.