fbpx
ВестиТоп вести

Интервју со Никола Бабовски директор АФПРРЗ

 

Во текот на целата година во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се работи со засилен интензитет, затоа што постојано има барања по сите програми кои треба да се обработат, разгледаат и да се исплатат. Може ли да се направи приближување на домашната со земјоделската политика на ЕУ? Зелена берза разговара со директорот на Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој и земјоделство Никола Бабовски.

 

ЗБ: Сезона сме на одмори, но во земјоделството нема одмор. Што во моментов се работи во агенцијата?

НБ:Во моментов, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги  подготвуваме Мерките од Програмите за директни плаќања и Рурален развој, а ги  дефинираме и мерките  од ИПАРД 2 Програмата. Се подготвуваат и новите огласи  по Програмите кои треба да се објават до крајот на годинава. Исто така, континуирано и во тек на целата година вработените во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделстото и руралниот развој, вршат прибирање, обработка и администрирање на пристигнатите барања за субвенционирање. Се разгледуваат барањата за добивање на финансиска поддршка по Програмите и мерките кои се нудат преку Агенцијата за финасиска подршка на земјоделството и Руралниот развој. Во моментов, вработените освен што ги обработуваат и исплаќаат барањата за субвенции, во тек е и потпишувањето и исплатата на средствата од ИПАРД 2 програмата, односно, набавката на механизација. Контуинирано, се објавуваат и нови Огласи по сите програми. Во моментов, активни се три огласи и тоа : Огласот за набавка на систем за наводнување капка по капка, како и за конструкција на бунари и други зафати на површинска вода. Уште трае и огласот за „Рибарство и аквакултура“, а при крај е и огласот за Рурален развој, преку кои се обезбедуваат средства  за подобрување на животот на граѓаните во руарлните средини, обнова и развој на селата како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните средини. Во текот на целата година во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се работи со засилен интензитет, затоа што постојано има барања по сите прорами кои треба да се обработат, разгледаат и да се исплатат.

ЗБ: Како се одвива процесот на субвенционирање во државата?

НБ:Сите земјоделци кои ги исполнуваат условите за добивање на финансиската поддршка, поднесуваат барања за добивање на поддршката. Откако барањето ќе се обработи, и надлежните ќе ги направат сите потребни администрстивни контроли, кај оние барања каде нема утврдено недостатоци, се прави одобрување и  исплата. Онаму каде има недостиг на документи, ги  известуваме апликантите да направат  дополна на докуменатацијата. Откако ќе ги докомплетираат документите, се врши повторна административна проверка. По ова, следи и контролата на терен, преку која се утврдува фактичката состојба кај барателите за добивање на државната помош. Откако ќе завршат сите овие чекори се издава налог за исплата на субвенции за барателот.  Процедурата е јасна, сите земјоделци кои во изминатите години земаа субвенции ја знаат постапката, но, има и такви на кој сеуште им е потребна техничка помош од страна на вработените во АФПЗРР. Онаму каде има потреба да се помогне, вработените и во АФПРЗ и во Подрачните единици заедно со апликантот ги пополнуваат барањата, се со цел да се направи целосна квалитетна апликација и на крај и исплата на бараните средства.

ЗБ: Што се’ финансира агенцијата?

НБ:Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, нуди можност за финансирање преку следните програми: преку Програмата за дриректни плаќња се реализира исплатата на субвенциите за поддршка и развој на земјоделството. Со помош на ИПАРД Програмите се финансираат и развиваат и индивидуалните земјоделци, но, и стопанството и преработувачките капацитети кои ги исполнуваат условите и правилата за финансирање преку оваа програма. Преку  Програмата за Руралаен развој пак се финансираат проекти кои преку Единиците за локална самоупрва го подобруваат квалитетот на живот на село. Интересот за искористување на овие средства е голем.  Дел од општините веќе поднесоа апликации, затоа што Единиците на локалната самоуправа овие средства ги гледаат како добра можност со помош на нов свеж капитал да ја подобрат патната инфраструктура, да ревитализираат или да градат нови водоводни и канализациони мрежи, да си подготват  Детални урбанистички планови, или да си зачуваат објекти или места кои се од културно значење. Целта е, со овие нови капитални инвестиции да се овозможи младите и воопшто луѓето од руралните средини да имаат услови за поквалитетен живот во родните огништа, да го стопираме егзодусот на жители кон Скопје или поголемите градови во земјава. Младите да создаваат семејства во куќите на нивните дедовци и иднината да не ја бараат во странство.

 

ЗБ: Што уште остана неисплатено од претходниот период, кога се планира исплата?

НБ:За речиси една година откако сум прв човек во АФПЗРР, сите заостанати, односно наследени долгови, од околу 144 милиони евра се расчистени.  Од нив по Програмата за земјоделство исплатени се нешто повеќе од 129 милиони евра, за Програмата Рурален развој вкупно 15 милиони евра и за Програмата рибарство и аквакултура околу 300 илјади евра. Работевме напорно, вработените постојано беа дополнително ангажирани, се со цел финансиската поддршка предвидена за земјоделците конечно да биде исплатена, а со тоа земјоделците и тој сектор да добијат нов, свеж капитал кој би можеле да го реинвестираат во нови насади, или пак во нова модерна земјоделска механизација. Исто така беа реализирани и дополнителните мерки во делот на производството на домат, бостан, грозје. Важно е да се потенцира и тоа што не само субвенциите, неисплатени беа и средствата за обесштетување на земјоделците на кои родот им настрада од временските непогоди. Само за обесштетување исплативме над 4 милиони евра, пари кои им се добредојдени на земјоделците, и колку – толку им ја ублажија финансиската загуба по временските непогоди. Веќе е започната и реализацијата на Програмата за 2018 година, по која се исплати финансиската поддршка за производство на тутун во износ од околу 27 милиони евра, а тече и реализацијата на останатите мерки. Со ваквиот начин на работење и со овој пристап, очекуваме земјоделците да бидат помотивирани да ги зголемуваат приносите, да инвестираат во нови сорти и култури кои се светски тренд, да почнат полека да се прилагодуваат на барањата и потребите на европските пазари. Како што се обработуваат пристигнатите барања за субвенции така се исплаќаат по сите мерки.

ЗБ: Каде може земјоделците да се јавуваат и да ја проверуваат својата состојба на побарувања или обврски  кон Агенцијата? Има ли контакт центар за оваа проблематика?

НБ:Земјоделците за сите проблеми, за сите недоумици или пак за проверка на состојбата со исплата на средства секојдневно се јавуваат во контакт центарот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во кол центарот освен за проблемите, земјоделците на дневна основа се информираат и добиваат информации поврзани со Програмите и Мерките  кои се реализраат преку АФПЗРР. Неделно, во просек само за субвенции се јавуваат околу 300 лица, додека месечно, преку телефонските линии во контакт центарот се опслужуваат и по 1.200 лица. Зголемен е и бројот на лица кои преку контакт центарот бараат помош или информации за ИПАРД програмата, така само во јули во АФПЗРР се јавиле над 120 лица и побарале информации за ИПАРД Програмата. Но, не само контакт центарот, голем дел од земјоделците доаѓаат и лично ја посетуваат Агенцијата, а со тоа имаат можност во директен контакт со вработените да ги добијат потребните информации. Исто така сакам да истакнам дека вратата на мојата канцеларија е секогаш отворена за сите кои имаат некаква мака. Се случува дневно низ мојот кабинет да поминат над десетина лица кој дошле да побараат помош за нивниот проблем.  Секаде каде правно – законски може да се реши проблемот го решаваме. Јас сум тука да работам во интерес на граѓаните.

ЗБ: Република Македонија  претендира членство во ЕУ. Може ли да се направи приближување на домашната со земјоделската политика на ЕУ?

НБ:Како и во изминатите, така и годинава над 100 милиони евра се одвоени од државната каса  за субвенции во земјоделството. 100 милиони евра се сериозни средства, затоа очекувам, и не само што очекувам, туку и треба да направиме овие средства од агро – секторот повторно да се вложат во него. Само со реинвестирање на средствата, искористување на нови средства преку Мерките и Програмите може да се унапреди домашното земјоделско производство. Само со напредно земјоделство, добри земјоделски практики, политики и зголемување на површините и производството може да постигнеме резултати. Клучот за успехот е во унапредување на фармите, окрупнување на земјоделските парцели, здружување на земјоделците во кооперативи, само на тој начин може да очекуваме резултати. Но, за волја на вистината, сакале да признаеме или не, време е земјоделците да почнат да работат и на потпишување на договори за откуп на производите со откупните центри, на тој начин однапред ќе се знаат потребите на пазарот, но, и на преработувачките капацитети и на тој начин нема да се создаваат вишоци. А со тоа нема да се доведува во прашање откупот и нема да има потреба од интервентни мерки кои потоа преку дополнителна субвенција треба да ја дадеме. Подобро е наместо во дополнителна субвенција тие средства да се насочат кон нови мерки што на долг рок ќе донесат други поволности. Но, освен ова, Македонија во секторот земјоделство треба да ги следи и препораките на ЕУ, се со цел создавање квалитетен сектор кој лесно би се вклопил во големото јато на земји членки на Европската унија. Владата и ние веќе ги преземаме сите потребни чекори со цел заедно со земјоделците да добиеме квалитетни производи, но и поголем род за да може да покажеме дека сме сериозни во намерата за развојно и унапредено земјоделско производство. Секторот земјоделство е еден од најклучните алки во процесот на евроинтеграции. Затоа сите заедно, односно и ние како Агенција, и Министерството за земјоделство но и Владата и земјоделците во наредниот период ќе мораме напорно, прецизно и со многу прилагодувања да покажеме дека сме подготвени за влез во ЕУ. Ова го кажувам затоа што секторот земјоделство и поглавјето посветено на овој сектор, се еден од најобемните, и овде нема простор за импровизации. Европа бара конкретни чекори и резултати, ефекти и напредок. Сега е времето, сериозно да се пристапи и да се одговори на висина на поставената задача. Од друга страна тоа за нас ќе значи отворање на нови пазари, зголемено производство, поголем принос и секако повеќе пари. Но, за да ги добиеме нив, мора прво да сработиме и да ги надминеме сите нотирани забелешки и проблеми. А потоа секако ќе следат резултатите и ефектите кои ќе ги почувствуваме сите.

ЗБ: Целта на субвенциите  е да помогнат околу развојот на земјоделството во државата. Како го оценувате досегашниот модел на субвенционирање и треба ли да претрпи измени?

НБ:Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството е институција надлежна за имплементација на политиките во делот на агро – секторот и руралниот развој кој ги носи Владата и Министерството за земјоделство. Но, и покрај тоа Агенцијата активно учествува и соработува со Министерството околу тоа во кој правец треба да се движат политиките на финансиската поддршка и руралниот развој на земјоделството во Македонија. Нашите вработени постојано се на терен, ги нотираат сите забелешки од страна на земјоделските производители, ги слушаат нивните предлози, како и во кои делови треба да се направат промени во земјоделската политика која ќе се спроведува во наредниот период. Очекуваме, во наредниот период со новите Програми и Мерки да постигнеме поголеми позитивни ефекти во делот на земјоделското производство, односно зголемено производство, поголем квалитет, и конкурентност на домашните земјоделски производи и преработки. Анализата и препораките на странските експерти ги слушнавме сите, секако дека кога веќе се нотирани слабостите сите заедно ќе работиме за тие да се отстранат. Очекувам во наредниот период и конкретни мерки и чекори за поправање на оценката и испорачување на резултати кои ќе донесат нови конкретни чекори и реализирани проекти.

ЗБ:Земјодлеците уште мака мачат околу апликациите за користење средства. Сметаат дека процедурата е комплицирана. Презема ли нешто Агенцијата  да им ја поедностави процедурата, а со тоа да има и поголема искористеност  на средства не само од ЕУ фондовите туку и средства од домашни програми.

НБ:Во изминатиот период и Владата и АФПЗРР работеа на поедноставување на апликациите за искористување на средствата кои се нудат преку ИПАРД Програмите. Доказ дека целта е постигната е и последниот повик за мерката на која има досега најголем број на одобрени апликации или вкупно 692. До денеска соодветни инвестиции кои вклучуваат набавка на трактор се 688, од нив 225 се апликации кои бараат набавка само на трактор, додека 463 за набавка на трактор плус дополнителна механизација или опрема. Во моментов, континуирано се потпишуваат договорите со апликантите кои ги исполнуваа условите за искористување на средствата преку оваа Програма. До утринава од наша страна потпишани се вкупно 681 договор за искористување на средствата од ИПАРД 2 програмата за набавка на механизиација. Вкупната прифатлива вредност на инвестициите е 21.5 милиони евра  и финансиска поддршка од 12, 5 милиони евра.  Најголем дел од средствата се користат за набавка на трактори, но радува податокот што земјоделците освен за трактори покажаа интерес и за набавка и на мотокултиватори, дефрост машини за земјоделските култури, системи капка по капка, ѓубрерастурачи, прскалки, опрема за благосостојба на животните и унапредување на домашните фарми, ловци на мраз, линија за транспорт на храна и уште многу други приклучни механизации кои ќе овозможат земјоделците полесно и на побрз начин да ги извршуваат работите кои ги имаат на нива или на фармите. Најголем дел од апликациите пристигаат од Пелагонија, по овој следи Вардарскиот регион, југоисточниот регион, а веднаш по овие следуваат североисточниот и југозападниот регион од земјава..

ЗБ: Што да очекуваат земјоделците до крајот на годината, ќе има ли објави за Млад земјоделец, Ипард, Национална програма и сл. ?

НБ:До крајот на годината има уште точно четири месеци, и секако дека ќе има нови Повици. Ги повикувам сите заинтересирани земјоделци, здруженија или пак стопанственици кои сакаат да аплицираат за добивање на средства од некоја од Програмите или Мерките, да ги следат најавите за Повик, по што следи и Објава на Повик за Програма. Со оглед на тоа што на последните Повици за  „Млад земјоделец“ и за ИПАРД 2 Програмата и мерката за набавка на механизација имаше огромен број на апликаци кои ги исполнуваа условите за добивање на финансиската помош, очекувам и на сите наредни Повици да има голем интерес за искористување на финансиската поддршка и од Националниот и од ЕУ буџетот.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

 

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close