fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Нова „должничка“ листа – кои министерства, агенции, болници најмногу должат

Анализа на „Порталб.мк“

Растат долговите на државните институции, на дел од општини, јавни претпријатија, министерства, здравствени установи, училишта. На крајот од првата половина од годинава тие достигнаа 332 милиони евра, пишува „Порталб.мк“.

Во вториот квартал во споредба со првиот општините успеале да намалат дел од долгот, но раст на долговите има во здравството, на јавните претпријатија и фирми во државна сопственост, на голем дел од буџетските корисници, судовите.

На „должничка листа“ 1.180 должници –  за само три месеци раст на долговите за 20 милиони евра

Државните долгови се зголемија и во вториот квартал од годинава – пораст има и во однос на првиот квартал, но и во однос на истиот период лани. На новата „должничка“ листа на Министерството за финансии се наоѓаат 1.180 институции од здравството, образованието, културата, јавни претпријатија на централно и локално ниво, регулаторни тела, агенции, центри за социјална заштита кои пријавиле милионски доспеани, а неплатени обврски.

Податоците покажуваат дека вкупниот пријавен долг на сè што значи „државна“ институција на централно и на локално ниво изнесува 332 милиони евра. Во споредба со првиот квартал од годинава тој е зголемен за 20 милиони евра, а во споредба со лани истиот период за 51,5 милиони евра.

Доспеани а неплатени обврски во вториот квартал од 2021 година имало 332 милиони евра, а во истиот квартал лани, биле 280,5 милиони евра. Во првиот квартал од 2021 година, истите изнесувале 312 милиони евра.

Забележително е дека општините и општинските јавни претпријатија на квартално ниво успеале да го намалат долгот во споредба со првиот квартал, но и натаму оваа група котира високо според износот на долговите, над 61 милион евра.

Во јуни 2021 години, општините имаат 61,4 милиони евра доспеани, а неплатени обврски, ЈП и државни фирми 127,7 милиони евра, општински јавни претпријатија  48,5 милиони евра, Јавни здравствени установи 60,8 милиони евра.

Кои судови, агенции, инспекторати, болници најмногу должат… 

Голем број на училишта, агенции, јавни претпријатија, речиси сите општини, болници, министерства се на новата листа на должници – со доспеани, а неплатени обврски.

„Порталб.мк“ направи анализа на долговите според видот на институциите. Меѓу државните агенции со поголеми износи на долгови се Агенција за храна и ветеринарство со скоро 95.000 евра, Агенција за млади и спорт со долг од скоро 50.000 евра, а приближно толку должи и Агенцијата за лекови. Доспеани, а неплатени обврски повисоки од 50.000 евра пријавил и скопскиот Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На листата должници се и затворите – со поголеми долгови се КПД Идризво со 388.000 евра и КПУ затвор Скопје-Шуто Оризари 686.000 евра.

Доспеани, а неплатени обврски имаат и министерствата, а со поголем износ на долг се Министерство за транспорт и врски 1.500.000 евра, Министерство за култура 858.000 евра, Министерство за надворешни работи 488.000 евра, Министерство за образование и наука 386.000 евра.

Милионски доспеани, а неплатени обврски пријавиле и болниците односно јавните здравствени установи од речиси од цела држава. На листата се наоѓаат и клинички центри, медицински институти, но и здравствени домови од двесеттина градови – од Охрид, Тетово, Штип, Велес, Валандово, Скопје, Куманово.

ГОБ „8 Септември“ е во долгови од 4.500.000 евра, Завод за нефрологија Струга 800.000 евра, Институт за трансфузиона медицина 3.104.000 евра, Институт по белодробни заболувања кај децата-Козле 3.339.000 евра, ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство 3.240.000 евра, ЈЗУ Клиника за детска хирургија 1.700.000 евра, ЈЗУ Клиника за неврологија 1.300.000 евра и ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија 2.565.000 евра

По кој основ се долговите, колку должат општините, јавните претпријатија и образованието ќе се анализира во следното продолжение на Анализата на „Порталб.мк“.https://meta.mk/analiza-na-portalb-mk-nova-dolzhnichka-lista-koi-ministerstva-agencii-bolnici-najmnogu-dolzhat/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close