Нова германска инвестиција – „Брејнчајлд производство“ се отвора во ИЗ „Жабени“ крај Битола
„Брејнчајлд продукција“ во овој период е насочена кон обезбедување на кадарот за работа пред се на машински техничари и општи работници, шивачи, магационери, се она што го покрива основното производство во една текстилна индустрија.
Битола – Шареноликост од бои и современи дизајни налик на крилја од рајски птици наликуваат крилја за сурфање на вода што ги произведува германската фабрика „Брејнчајлд продукција“ во Битола. Во производствената хала сместена во старата индустриска зона во Битола вредно се работи на секој еден детаљ на материјалите од кои се шијат и изработуваат платната за спортови на ветер и нивни аксесоари. Производите на „Брејнчајлд“ произведени во Македонија се препознатливи на светскиот пазар и наградувани за квалитетот.
Успешната приказна на германската фирма се проширува со нова фабрика во ИЗ „Жабени“ крај Битола.
Постојната фабриката од 2021 година работи во објект на поранешна „Битолатекст“, таму затекнавме работна атмосфера со германска дисциплина. Едни ги подготвуваат боите и дезените, други ги печатат платната, трети ги шијат и лепат, други изработуваат неверојатно силни јажиња иако навидум изгледаат како врвки за чевли и се така по ред до финален производ.
Готовите платна за сурфање раскрилени и со димензии и до 12 м2 чекаат да бидат спакувани во ранци од рециклирани материјали и се подготвуваат за извоз за Холандија, Франција, Германија…
Вака накусо може да се опише производството во „Брејнчајлд продукција“ во Битола сопственост на германскиот параглајдерист и кајтсурфер Ралф Гросел. Фабриката во Битола не е единствена на Гросел, тој веќе има основано фабрики во Украина и Шри Ланка, а веќе е подготвен и за новиот проект во ИЗ „Жабени“. Покрај германскиот гигант „Кромберг и Шуберт, оваа фабрика на Гросел ќе биде втора германска инвестиција во индустриската зона на Општина Битола.
Интересна е приказната како Гросел се одлучил да инвестира во Македонија и во Битола, а пред се тоа е неговата пасија за летање со параглајдер што го носи во Крушево, Галичица и на други места во државата.
Сега новост е што германската инвестиција веќе ги отпочнува подготовките за нов производствен капацитет во ИЗ „Жабени“ што ќе значи дека „Брејнчајлд продукција“ отвора нов капацитет со име „Брејнчајлд производство“. Капацитетот во зоната ќе подразбира вложување на нови 8,5 милиони вера од страна на германскиот инвеститор и изградба на производствена хала на површина од околу 3000 квадратни метри. Фабриката во „Жабени“ ќе биде готова на почетокот на 2025 година.
„Новата фабрика во ИЗ ‘Жабени’ ќе биде фокусирана само на производство на крилја за сурфање. Добивме земјиште, ја потврдивме одлуката. Во тек е изработката на проектот, таа ќе биде монтажна и се очекува да биде готова по Нова година. Ние не сакаме да ја затвориме оваа фирма овде –‘Брејнчајлд продукција’, туку ќе остане како истражување и развој, но делот за производство ќе биде во ‘Жабени’. Побарувачката за нашите производи расте и таму во зоната ќе го правиме производството на она што тука ќе го истражиме“, вели Наталија Ристевска, менаџер во германската инвестиција во разговор за „Независен“.
Според неа германскиот инвеститор има позитивни искуства од соработката со државата и Општина Битола.
„Државата и Општина Битола во секој дел од инвестирањето ни излегоа во пресрет и за постојната фирма и за новата што допрва ќе се отвори. Добивме препораки и за земјиштето иако инвестицијата е наша, самостојна. До крајот на овој месец ќе имаме состанок со Владата за да се дефинира инвестицијата во целост. Ние можевме да инвестираме во било која ТИРЗ зона, но тука ни излегуваат во пресрет и ќе имаме одредени поволности“, вели Ристевска.
Досега фирмата брои околу 70 вработени (до Нова година ќе има уште десеттина нови вработувања) додека во ИЗ „Жабени“ ќе бидат нововработени над стотина работници. Ако производството напредува инвеститорот најавува и поголема бројка на нововработени. Ако ги прашате инвеститорите какви плати даваат и ветуваат, дали европски или по македонски стандард велат дека „се нешто помеѓу“.
„Брејнчајлд продукција“ во овој период е насочена кон обезбедување на кадарот за работа пред се на машински техничари и општи работници, шивачи, магационери, се она што го покрива основното производство во една текстилна индустрија.
„Најголем дел од нашите вработени се од поранешни текстилни фабрики во Битола, со стекнато искуство, само што кај нас се бара голема прецизност. Текстилните работници со обуката навистина можат да се пронајдат во оваа средина“, вели Ристевска.
„Брејнчајлд продукција“ се отвори во Битола пред три години, во едно исклучително кризно време за стопанството, во период на корона кризата како потреба од истражување и развој на два типови на крилја за сурфање на вода. За прв пат се воведува дигитално принтање и ултрасонично лепење на материјалите. Тоа значи флексибилно платно за сурферите и прилагодување на вибрациите на ветрот.
„Крилјата се изработуваат комплетно како структура, принт, а бидејќи производот не е лесен и едноставен за работа бара обука на вработените. За таа цел основавме и училиште за да ги обучиме работниците, па кога ќе дојдат тука да имаат предзнаење за работата што ги очекува оти производот е комплициран. Иновативноста на нашиот производ е што досега во светот на крилјата за сурфање не постоело сублимационо принтање, односно дигитално принтање на самиот материјал. Поклопувањето на двата панели на платното треба да биде детално до милиметар. Ако има грешки од милиметар, два се губи целата структура на самото крило“, објаснува Ристевска.
„Брејнчајлд продукција“ изработува и аксесоари од рециклирани производи, тоа значи дека и ранците за крилјата самите ги изработуваат, а тежат околу 2,5 килограми.
„Се трудиме во производството да вметнеме рециклирани материјали, тоа се продава, а и целокупното производство го потпираме на сопствено производство на електрична енергија од фотоволтаични панели“, велат од фабриката.
Инаку „Брејнчајлд продукција“ на годишно ниво произведува околу 7000 парчиња на крилја за сурфање, а од месец на месец производството расте за четириесеттина парчиња платно, што според инвеститорите е значајна бројка ако се знае дека платната за сурфање се од 4 до 17 квадратни метри.
Надежите се дека со отворањето на новата фабрика во „Жабени“, „Брејнчајлд“ ќе го зголеми производството за два до три пати повеќе, а тоа значи и пораст на извозот на овие производи на европскиот и светскиот пазар.
Анета Блажевска