Нова инвестиција, ветерен парк во Општина Богданци за поголемо производство на чиста електрична енергија
Новата инвестиција во ветерниот парк ќе се гради на просторот помеѓу селата Стојаково и Селемли
Премиерот Заев, заедно со инвеститорите словенечката компанија „Интеренерго“ и „Тригал”, како и со градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов ги истакнаа придобивките од проектот чија цел е обезбедување на чиста еколошка електрична енергија.
„Она што е од голема важност за целиот инвестициски циклус е тоа што при изградбата ќе се вклучат и локални изведувачи со што дополнително ќе се придонесе за развој на локалната економија во земјата. Станува збор за современа инвестиција со имплементирање на најмодерна технологија, која се очекува да заврши за две години. Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат. Силно веруваме дека и новиот ветерен парк во целост ќе ја оправдува инвестицијата на ветерот како обновлив извор на енергија. Како што е познато на територија на Општина Богданци веќе е реализиран ветерниот парк на „А.Д. Електрани на Северна Македонија“, од 36,8 мегавати со 16 ветерници секоја со единечна снага од 2,3 мегавати, трафостаница 20/110 киловолти, далекувод од 110 киловолти и пристапни патишта. Инвестиција која чинеше 55 милиони евра. Во фаза на развој е проширувањето на овој ветерен парк за дополнителни 13,2 мегавати со поставување на нови 4 ветерници во наредниот период во вредност од 21 милион евра“, истакна премиерот Заев.
Градоначалникот Шапов искажа задоволство што Општина Богданци повторно ќе се истакне во развојот на обновливите извори на енергија, односно во развојот на нов ветерен парк .
„Како општина стоиме на располагање на секој иден инвеститор да излеземе во пресрет и да овозможиме се што е во наша надлежност за побрза градба. Новите инвестиции водат кон просперитет на општината, и нови можности како за развој на ветерната енергија, но исто така и развој на енергијата од сонцето односно градба на фотонапонски електрани, бидејќи нашата општина има поволности за развој и на тој вид на енергија“, рече Шапов.
Блаж Штерк директорот на „Интеренерго“, Љубљана истакна дека како едни од најактивните инвеститори во Југоисточна Европа, посветени се на производство на електрична енергија од целосно “зелени“, обновливи извори.
Според, Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на финална енергија се планира да биде над 50%. Фотонапонските и ветерните електрани ќе бидат најбрзо растечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, и тоа до 1400 мегавати фотонапонски електрани и до 750 мегавати ветерни електрани.