Нова пешачко велосипедска патека доби Свети Николе
Велосипедската и пешачка патека води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во село Кнежје и е долга околу 2 100 метри.
Велосипедската и пешачка патека води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во село Кнежје и е долга околу 2 100 метри.
Премиерот Заев рече дека станува збор за модерна и урбана зона, хортикултурно уредена со зеленило, која претставува прекрасно место за релаксација на граѓаните.
– За Владата програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат за развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе. Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга, ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати, рече Заев.
Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои 5,5 милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.
Градоначалникот Велковски информираше дека долж патеката се посадени 1 000 садници, а поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.
– Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град, рече Велковски.
Средствата за овој, но и за останатите два проекта што ги има добиено општината, се обезбедени од Програмата за рурален развој.