Градинарите во пелагониско интензивно се подготвуваат за престојната производна сезона. Подготовката на расадот за пипер и домати е многу важна операција во градинарското производство. Свесни за тоа се обидуваат да сработат се’, онака како што им налагаат условите. Се потпираат на своите искуства, но тука се и советите на стручните лица кои им укажуваат на добрите земјоделски практики. Временскиот календар не смее да се пропушти и треба да се користи секоја минута. Што, колку и како ќе се работи? Тоа се планови кој секој добар земјоделец ги има навреме испланирано. Во таа брканица со времето и обврските, земјоделците не забораваат на проблемите со кои се соочиле во минатата сезона, но велат дека „греота“ е земјата да остане необработена.
Тоде Гулевски од с. Могила е еден од многуте жители од ова село што се зафатил со подготовка на расад за пипер и домати. Покрај тоа што минатата година голем дел од родот на градинарските култури му бил уништен, не се откажува така што и оваа година ќе сади домати и пипер на површина од 1 ха.
„Посеав семе за расад напипер и домати на површина од 200 квадарти.Планирам со нив да посадам површина од 1ха. Семето за доматите го купив од Грција, а за пиперот имам сопствено. Минатата година беше катастрофална. Но уште полошо е што нема гаранција ниту за цена ниту за откуп. На пример да ми кажи сега некој цена, ако ми одговара сумата може да ја зголемам површината или да ја намалам. А вака ќе го произведиш и после на „жими мајка“ како ќе дојди така, тоа е“, вели Тоде .
Тоа е старо нов проблем со кој се соочуваат земјоделците. Тоде вели дека покрај ниската цена на црвената пиперка, уценувани се и од трговците така што зелената пиперка им ја земаат за џабе. Објаснува дека овој проблем не е само за градинарските култури. Тој покрај домати и пиперки сеел и жито. И со овие култури тешко излегувал на крај.
„ Цената на житото е многу ниска 7-8 ден/кг. Лани произведов 36 тони пченица. Со оваа цена не можиш да исплатиш за билки, трактор, комбајн итн. Оваа година не посеав ниту едно зрно пченица. Работата е тоа што е многу ниска цената и не можиш давачките да ги покриеш. Субвенции не користам бидејќи земјиштето не е мое, а не можам ниту да аплицирам по некоја од програмите“ појаснува Гулевски.
Освен проблемот со откупот, проблем е и недостигот на работна рака. Гулевски раскажува со тага дека децата му заминале во странство. Вели дека му е тешко, но уште потешко е ко ќе немаш пари да му дададеш. Вели дека можеби ќе се вратат ако се сменат условите за живот. До тогаш ќе бара аргати за работа и ќе се снаоѓа. Во меѓувреме на самиот старт на новата градинарска сезона ќе се снаоѓа и во барањето на решенија на старо новите проблеми со кои се соочува и земјата нема да ја остава. Она парче земја што го има ќе го обработува.
Павлина Јовановска