Нови пазари, место на саеми, ќе се бараат онлајн
Потребна е пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании, оценуваат стопанствениците. Поради кризата со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на годинава и почетокот на 2021 година се откажани, а компаниите се повеќе ќе се промовираат „онлајн“. Смислата на саемите е променета. Досегашните саемски манифестации, подразбираа луѓето да шетаат по штандовите за да ги запознаат излагачите, да ја видат конкуренцијата или да направат некој добар договор. Одложувањето и поместувањето на голем број саемски настани во светот поради пандемијата, па и претворањето на саемските објекти во привремени болници, во фокусот ги става виртуелните саеми, оценуваат маркетинг експертите.
-Се повеќе се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании. Во наредниот период компаниите своите активности ќе ги насочуваат кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста користејќи „онлајн“- алатки за промоција и продажба на производите – смета претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.
Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот е во фаза на подготовка на Предлог-план за буџет за промоција и поддршка на извозот за 2021 година, кој по одобрување од Министерството за финансии, ќе биде инкорпориран во Годишната програма за работа и финансиски план на Агенцијата, согласно предлозите и потребите на бизнис-секторот. Мерките за финансиска поддршка на извозно ориентираните компании се дефинирани според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а се наменети за поддршка и за зголемување на конкурентноста на домашните компании, како и за освојување на нови пазари и пораст на продажбата.
-Подготвени сме за реализација на нови заеднички проекти, а конкретните барања и предлози ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, за да им помогнеме на домашните компании – нагласи Арбен Виља, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, на работната средба со Клубот на извозници при СКМ.
Економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот веќе го менува текот на светската економија, која повеќе ќе биде ориентирана кон екологијата и дигитализацијата, оцени неодамна и директорката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
Експертите сметаат дека предностите на електронските саеми е во тоа што тие се полесни и поевтини за организирање и нема лимит за бројот на излагачите. Клучната предност на ваквите саеми, во овој период, е тоа што нема физички контакт.