Ново Село набави мобилна амбуланта
Амбулантата ќе нуди основни здравствени услуги во планинските села
Жителите на планинските населени места во Општина Ново Село, каде што нема амбуланти и се оддалечени повеќе километри од општинскиот центар со матични лекари, наскоро ќе добиваат примарна здравствена заштита во своите средини. Општината, заедно со граѓанското здружение „Феникс“, преку програмата за прекугранична соработка набави специјално амбулантно возило со медицинска опрема, кое секојдневно, по утврден распоред, ќе оди по населените места и на жителите ќе им нуди превентивни здравствени услуги. Станува збор за проектот „Мрежа за примарна здравствена заштита“, кој Ново Село и „Феникс“ го реализираат со грчката општина Ираклеа и институтот Демокритос.
Услуги од примарната здравствена заштита преку проектот ќе се даваат во наредните шест месеци. Ќе бидат ангажирани двајца лекари, медицинска сестра, социјален работник, возач и ИТ инженер, кои ќе одат по селата. Медицинската опрема во возилото вклучува апарати за мерење крвен притисок, спирометар, инструменти за мерење шеќер, триглецириди и холестерол во крвата, оскиметар, два типа на ЕКГ и ЕХО ултразвук.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/novo-selo-nabavi-mobilna-ambulanta-koja-ke-nudi-osnovni-zdravstveni-uslugi-vo-planinskite-sela/