Обуки на земјоделците во Преспа за заштита од поплави

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Редовно одржување и чистење на речните корита, каналите и водотеците, изградба на заштитни насипи, особено на местата каде што имало чести излевања, обука на населението за заштита и евакуација, се дел од оперативниот план за заштита од поплави во општина Ресен. Земјоделците ќе се обучуваат за заштита од поплави преку намалување на ерозијата и правилна обработка на земјиштето. Ќе се изработуваат проекти и ќе се бараат добри технички решенија за надминување на проблемите со отворените канали и пропусти, а предвидена е и изработка, усвојување и спроведување на урбанистички планови кои ја респектираат регулативата за природните водни токови и хидротехничка инфраструктура.

obuki na zemjodelcite vo prespa za zashtita od poplavi

 

Планот ги опфаќа т.н. кризни точки и мерките за справување со евентуални изливи на водотеците од врнежи и топење на снегот од планините во Преспа.

Раководителот на секторот за животна средина при Општина Ресен, Ајман Алмала, информира дека континуирано работат со сите засегнати страни за имплементација на овие мерки, со што значително ќе се намали ризикот од поплави. Општината, нагласи тој, ги користи и сите претходни анализи и податоци од досега случените поплави на подрачјето на Ресен.

– Оперативниот план за заштита и одбрана од поплави е изработен врз основа на анализа за профилот на опасности, елементите на ризик, спецификите на општината, капацитетите и друго – вели Алмала.

Од извршените анализи од досега случените поплави и преземените мерки, според него, проценето е дека опасноста од поплави на подрачјето на општина Ресен е од втор степен,што означува низок ризик, односно редовна состојба со ретко манифестирани појави на ризик од поплави.

Општина Ресен интервенирала на критичните точки по сите реки кои минатата година предизвикаа штети врз земјоделските површини, како и врз домаќинствата.