Очајна сезона за печуркарите во Кичевско-Бродскиот регион
Ни најстарите собирачи на печурки од кичевско-бродскиот регион не паметат посиромашна сезона од годинашната. Кај вргањот има целосно потфрлање, додека кај лисичарката приносите се само 4-5 отсто од вообичаените. Собирачите на печурки се очајни, а откупувачите исто така. Оваа катастрофална сезона се надоврза на веќе постојната сиромаштија кај жителите од овој регион.
Co оваа дејност се занимавам над 40 години, но од годинашната сезона за нас печуркарите полоша немало, бидејќи годинава имаме целосно потфрлање на приносите. Мала надеж имавме во втората половина на мај кога се појави лисичарката, но и таа имаше краток век, така што можевме да собереме само толку печурки, колку за да вкусиме, но не и да продадеме. Кај вргањот состојбата е уште полоша, бидејќи имаме 100 отсто потфрлање. Од она што го имаме како искуство акумулирано низ годините, главните причини за очајната сезона се недоволната влажност во почвата, студените ноќи, како и ветерот што редовно беше присутен во изминативе два месеца, кој неповолно влијае врз развојот на печурките вели Стојко Милошески, собирач и одличен познавач на овие габи.
Во истите причини, потфрлањето на печурките го гледа и еден од најдобрите познавачи и откупувачи на печурки во Бродско, Силјан Петкоски.
Годинашната реколта на откупени печурки е најслаба во последните две децении. Количествата се толку мали што е речиси безначајно да ги споменуваме. Бидејќи откупените количества се минимални, ниту извозниците не се заинтересирани за откуп на овие количества. Главните причини за ова потфрлање се топлата зима сиромашна со снег, што придонесе почвената влага да биде под неопходното ниво, температурните разлики меѓу денот и ноќта уште толку ја влошија состојбата, бидејќи температурната амплитуда кон крајот на мај изнесуваше и над 20 Целзиусови степени, а силните ветрови беа погубни за мицелиумот и размножувањето на печурките, така што ова се трите носечки причини, кои придонесоа за годинешното фијаско на печурката вели Петкоски.
И собирачите од регионот се крајно разочарани од неможноста да соберат поголеми количества печурки и да си го подобрат сопствениот буџет.
Цел живот сум во шумата и секогаш сум носел дома по некоја печурка. Но годинава состојбата е таква што печурки речиси нема ни за лек. Немањето печурки не остави без планираната заработка, која со години ни помагаше понормално да живееме се пожали Драган, невработен жител на едно село во Бродско.