Од 1 јануари во недела моловите ќе работат од 10 до 20 часот, а вработените ќе добиваат две дневници, донесен Законот
Од 1 јануари недела официјално станува неработен ден и во трговијата, со исклучок на моловите и неколку други дејности.
Од 1 јануари недела официјално станува неработен ден и во трговијата, со исклучок на моловите и неколку други дејности.
Откако пред десетина дена ги донесоа измените на Законот за работни односи со кои неработна недела добија 92 процента од вработените, а останатите за работа во недела добиваат 50 проценти повисока дневница, пратениците вчера со 59 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас „против“ ги изгласаа и измените на Законот за трговија со кои се регулира како ќе функционира оваа дејност во недела.
Според измените, моловите во недела ќе работат два часа помалку од сега, односно од 10 до 20 часот, а оние кои ќе работат во недела и на празник ќе добиваат две дневници, како и еден слободен ден во наредните седум дена. За сметка на тоа трговците ќе уплатуваат во буџетот два отсто од вкупниот приход во претходната година во недела и на празници. Овие средства ќе се инвестираат во детски градинки.
Во усвоените законски измени како правило се поставува дека трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови, но освен моловите, од ова има и други исклучоци. Така, трговијата на мало може да се врши во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места, во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун, во продавници, киосци и штандови во трговските центри со минимум 8.000 квадрати, на штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и на зелените пазари.
Со измените е сменето и работното време на продавниците сместени во згради. Тие ќе можат да работат од 6 до 23 часот.