fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Жетвата извесна, цената на житото неизвесна!

Домашните откупувачи се екипираат, големи и успешни сточарски капацитети влегуваат во откупот на житото.

Македонските жетвари се подготвуваат за новата жетва, стартот е извесен, ама не и цената на житото.

Пред почетокот на новата жетва на житото, едно е јасно дека климатските промени направија извесна штета на лебното зрно, но сепак квалитет има и род што ќе ги наполни амбарите. Експертите велат дека дождот кој наврна на почетокот на јуни го подобри квалитетот на житните култури, што е добар знак за високи приноси и квалитетно производство.

Сепак, земјоделците пред жетвата секогаш ги мачи една дилема, колку ќе изнесува цената на житото, дали ќе се исплати трудот, дали ќе се покријат трошоците.

Производителите, уште сега на социјалните мрежи коментираат дека ожнеаното жито нема да го продаваат за цена под 10 денари од килограм, односно велат дека со 11 денари од кг пченица земјоделците би биле на позитивна нула, а за добивка може да се зборува со 12 денари од килограм и цена што ќе биде повисока. Според нив, се што ќе биде понудено под 10 денари за кг ќе биде обид за манипулација. Затоа земјоделците бараат рентабилна цена што ќе им ги покрие трошоците.

Но, факт е дека пченицата е берзански производ и цената не може да се договара. Исто како што и државата не може да врши притисок врз мелничко-пекарската индустрија.

Мелничарите во услови на пазарна економија, сами ќе одлучуваат од каде ќе купуваат жито со поголем квалитет, а поисплатлива цена.

Земјоделците, пак, се во право кога забележуваат дека државата со години и децении наназад нема стратегија како да го надмине овој проблем, па секоја година ги остава мелничарите и производителите на мака, сами да наоѓаат моментални решенија, како што ќе се случува и ова лето.

Експертите велат дека цената на житото кај нас зависи од цената што ќе ја диктираат берзите на нашите соседни земји, пред се Србија и Бугарија, па и Хрватска. Така пред жетвата, никој не сака да шпекулира со цената на житото.

Што се однесува до цената на житариците на светската берза таму е јасно дека откупот на пченицата го диктира пазарот во Кина. Кинеската побарувачка на житарици, особено пченицата, се очекува да остане многу висока бидејќи во моментов е поевтина од пченката. Според српските медиуми ова ќе влијае на глобалните цени на житните култури. Во јуни, пченицата на Еуронет се ценеше 212,75 евра за тон, ЦМЕ 213,38 евра и француски ФОБ 214 евра. Кинескиот увоз на овие две култури се искачи на рекордни нивоа оваа сезона, што ја зголеми во вредност и имаше големо влијание врз глобалниот пазар на земјоделски култури. Меѓутоа, ако се покаже дека новата жетва на кинеската пченица е голема колку што очекуваат тамошните власти, тоа може да ја ослабне побарувачката за увоз, заклучуваат српските експерти.

Сточарски капацитети влегуваат во откупот на жито

Домашните откупувачи се екипираат, па новина е годинава што големи и успешни сточарски капацитети влегуваат во откупот на житото. Ќе откупуваат пченица, јачмен, пченка. Земјоделците веќе имаат можност да не се изложуваат на дополнителни трошоци за увреќување и складирање на родот во импровизирани услови каде може за кратко време да дојде и до губење на квалитетот на пченицата, а од друга страна без трошоци за аргати и пакување во вреќи по жетвата пченицата да има каде да ја носат или да ја продадат.

Факт е дека на секој почеток на жетвата се јавуваат проблеми, но, очекувањата се дека тие ќе бидат надминати со отворање на повеќе откупни пунктови и секако со почитување на хектолитарската тежина при откупот на домашното жито.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close