вести

Приватниот капитал ќе може да влезе во нивите

Бизнисмените бараат од Владата да дозволи приватниот капитал да влезе во нивите и да им се овозможи на стопанствениците да го откупат државното земјоделско земјиште. Тие очекуваат Владата да биде похрабра во спроведување на реформите во земјоделството кое, според нив може да биде еден од носечките сектори на растот на економијата. Дел од државното земјоделско земјиште приватните компании долго време го користат под наем за сопствени потреби, а имаат и потреба за проширување на капацитетите. Исто така, има земјоделски површини кои се засадени со долгогодишни насади и чии сопственици сакаат да си ги откупат.

Стопанствениците се согласни дека продажбата на државното земјоделско земјиште ќе го раздвижи капиталот во Македонија, ќе значи зголемување на приносите и на вкупното земјоделско производство.

– Дозволете приватниот капитал да влезе во земјоделството. Потребно е да се приватизира што поголем дел од државното земјоделското земјиште за да не останат толкави површини необработени, истакна бизнисменот Јован Дабевски.

Во прилог на оваа негова констатација се и статистичките податоци според кој Македонија е втора по најнеобработена земјоделска површина во Европа. Обработливата површина зафаќа само околу 40 отсто од земјоделската површина. Изразена по глава на жител, обработливата површина во Македонија изнесува само 0,24 хектари и е на второ место по необработлива површина по жител во Европа.

Од ресорното министерство велат дека наскоро ќе се промени ваквата состојба, бидејќи продажбата на државно земјоделско земјиште започна во 2018 година и тоа е еден од процесите кој трае долго и не може да се очекуваат брзи резултати.

– Продажбата на државното земјоделско земјиште е една реформа која Владата храбро ја започна. Оваа година распишавме прв повик за продажба на земјоделско земјиште под оранжерии каде што имаше 19 апликации, а минатата недела излезе и вториот повик за продажба на државно земјоделско земјиште. Знам дека бизнисмените се интересираат за купување на оваа земјиште поради проширување на капацитетите. Со овие два повика до крајот на годината ќе ги опфатиме сите во делот на земјоделско земјиште под оранжерии кои ќе можат за првпат да си го откупат земјиштето и да биде во нивна сопственост, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Меѓународна организација за земјоделство и храна – ФАО во 2018 година започна проект за измени на Законот за земјоделско земјиште во делот на продажбата со кои на сопствениците на долгогодишни насади ќе им се даде можност да си го откупат земјиштето.

 


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close