Од сите европски земји, најмногу работат Црногорците, а и Македонците се во врвот (видео)
Македонија е во самиот врв со 39,6 часа работа
Од сите европски земји, лани најмногу се работело во Црна Гора, 44,5 часа неделно, но и во Македонија која е во самиот врв со 39,6 часа, покажува занимливо видео на Statistics and data, врз основа на податоци од Европскиот завод за статистика Евростат.
Податоците покажуваат дека бројот на работни часови во Црна Гора, но и во Северна Македонија, се зголемил за време на пандемијата што минатата година силно ја потресе целата европска економија.
На скалата на Евростат, Црна Гора е прва според бројот на неделни часови од 2012 година.
Македонија, пак, во оваа занимлива статистика се јавува во првиот квартал 2006 година и тоа веднаш била рангирана на првото место со дури 43 работни часови во текот на неделата. Во третиот квартал истата година уште повеќе се зголемил и достигнал 44 работни часови за една недела.
И во наредните години нашата земја е на врвот на листата или меѓу земјите каде што најмногу се работи, освен во првиот квартал лани, односно на почетокот на пандемијата, кога се најде при дното на листата од дваесетина европски земји кога кај нас се работело 37-38 часови неделно, но веќе во третиот и во четвртиот квартал лани, бројот на работни часови се зголемил на 39,8 во текот на една недела.
Интересно е што првите десет „работни нации“ се претежно балкански земји.
На второ место е Србија, каде просечното време на работа лани во четвртиот квартал било 42,6 часа неделно, а повеќе од 40 часа во текот на неделата работеле и Грците, 41,4 часа.
По нив следуваат Македонците (39,6 часа), Бугарите, Полјаците и Словенците (39,1 час неделно), Романците (38,9 часа), Словаците (38,8 часа) и Хрватите (37,9 часа).
Според видеото на Statistics and data, повикувајќи се на податоците на Евростат, просечната работна недела во Германија била 34,2 часа, во Франција 36,3 часа, во Италија 35,6 часа и во Шпанија 36,4 часа. Зад овој Јутјуб канал и истоимената интернет страница, како што самиот наведува стои млад италијански статистичар.
Видеото дава преглед како се менувал бројот на работните часови по одделни земји за период од дваесетина години, односно од 1999 до крајот на 2020 година.https://nezavisen.mk/od-site-evropski-zemji-najmnogu-rabotat-crnogorcite-a-i-makedoncite-se-vo-vrvot-video/