fbpx
ВестиСовети

Одгледување на бобинки во дворот

Во малата бавча во кругот на куќата, доволно е да имате неколку грмушки со рибизли или огрозд (цариградско грозје), ред за десетина малини или капини, како и еден дел со јагоди.

Ова бобичасто или т.н Бери овошје ќе ви даде свежи, здрави и вкусни плодови за секојдневно уживање, затоа што, секогаш најслатко е она овошје кое ќе го произведете и наберете сами.

За одгледување на ова овошје, потребно е отворено и сончево место, плодна и земја со добра пропустливост на вода.

Рибизлата е повеќегодишно дрвенесто растение кое расте во вид на грмушка. Нејзиниот корен е плиток и не поднесува длабока и честа обработка на земјата во кореновиот дел. Цветот е во вид на грозд со двесетина зеленкасти цветови на едногодишните изданки. Цутењето е во април, а издржува температура до 5°C. Поради поленот и нектарот, привлечна е за пчелите. За црвената рибизла карактеристично е самооплодувањето, додека кај црната тоа е делумно.

Малината е многу популарна овошна врста. Постојат видови кои даваат плодови не само во лето, туку и во текот на есента се до доцните мразеви. За квалитетно одгледување и развој, потребно е многу светло, затоа не треба да биде посадена под сенка. Садењето треба да се изврши наесен, во јами за садење, со многу компост. Ако се садат повеќе, потребна е оддалеченост од 40 – 50 см.  Изданките ги поднесуваат зимските температури до -25 °C, а поради тоа што цути дури во мај, не постои опасност од замрзнување на цветот кај доцните пролетни видови.

Огроздот е растение во вид на грмушка, кое е рано плодоносно. Најдобриот начин на одгледување е во облик на грмушка (наместо со калемење), затоа што тогаш лесно може да се подмладува, а приносите при таквиот начин на одгледување, се поголеми. Садењето треба да се изврши наесен во добро подготвена и лесна за обработка почва, на растојание од околу 1,5 метри. Огроздот раѓа на двегодишните и тригодишните изданоци, а тоа треба да се има предвид при режењето и проретчувањето на грмушките. Тогаш се отстрануваат старите (дородените) делови, а во грмушката се оставаат младите и нови.

Јагодите денес може да се берат од почетокот на летото, се до појавата на првиот есенски мраз. Разликуваме рани, средно рани и доцни јагоди кои дозреваат во текот на целата есен. Јагодите не се тешки за одгледување. Растенијата, раѓаат околу три години, така што потребно е да се планира обнова, односно секоја година се обновуваат третина од растенијата. Садниците треба да се засадат кон крајот на летото или почетокот на есента. Следната година, кога растението ќе почне да раѓа и дозрева, под него (и под листовите) се препорачува ставање на чиста слама, со цел плодовите да не лежат на земја. За време на сушниот период, во текот на зреењето, потребно е редовно наводнување. Во својата градина, помеѓу јагодите, можете да посадите бел лук, кој ги одбива штетниците.

Сите овие сочни плодови на бобичастите грмушки и жбунови ја исполнуваат понудата на здрава храна од вашата бавча.

 

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close